Thursday, September 10, 2015

Луксембург - Македонија пред празнично расположение

Ништо ново. Изгубивме.

Ако евентуално победиме првенствен натпревар со македонската фудбалска репрезентација тогаш веројатно ќе биде спортски шок, изненадување, сензација.

Претпоставувам ќе следат анализи во удобни фотелји во куќата на фудбалот или уште подобро, во некој од хотелите во Охрид за да видиме каде се грешките. Можеби увезениот селектор и овој пат ќе крене раце, а можеби и некој од фудбалерите ќе направи инцидент референцирајќи до нешто што не функционира во репрезентацијата и тоа ќе го направи со недоречености, затоа што ако каже некакви детали може да го „изеде мрак“, демократски мрак. Така недоречен во излагањето од кое може да се насети лутина, бес и незадоволство, ќе исчезне, односно ќе се врати во клубот некаде во странство каде што си го вади лебот со преќутна порака што со народна терминологија би звучела... „Ебете си мајката бе!“.

Еве јас, како чаршиски фудбалски експерт ќе направам анализа за основата на проблемот (Root Cause Analysis - RCA) за тоа зошто македонската фудбалска репрезентација изгуби од Луксембург, а и зошто губи и од Андора и од аматери што се натпреваруваат во првенствата на UEFA и FIFA.
Не би сакал да си правам ментална гимнастика со површината на проблемот зошто изгубивме од Црвените Лавови и да се истурам на Абдурахими поради двата промашени зицери. Веројатно до сега тоа го направија дел од верните навивачи на репрезентацијата на кое „истурање“ верувам не заборавиле да додадат и доза пцости и клетви поради неговата национална припадност. (да не си му во кожа на човекот по лошата реализација во натпреварот со Луксембург). На секој може да му се случи да промаши, да има лоша игра, да има лош ден, а за нашата репрезентација и нас, љубителите на спортот во кој наоѓаме дел од секојдневната забава покрај секојдневните говнарии што ги живееме, лошата игра и малерите се стандард и редовно сценарио. Успехот на репрезентациајта е само спортски шок што го има повремено и ништо повеќе.

И пред да почнам да пишувам за тоа што е моето мислење за основните причини поради кои сме после стотото место на ранг листата на FIFA, би сакал да напишам дека доколку не направиме подобрувања во некои од сегментите што ќе ги спомнам, мислам дека нема основано очекување за континуирана радост и задоволство што би ни го приредил националниот фудбалски тим. Фудбалот ќе ни приредува само шокови. (ова последново со Луксембург не беше шок, ова за жал е очекувана последица на тоа што веројатно се случува со години)



  • Непрофесионализам, простаклук, корупција, личните интереси пред заедничките
    Немаме почит меѓу себе. Си ги пикаме преку ред децата, внуците, пријателите на места што не ги заслужуваат. Едните заобиколуваат процес на филтрирање квалитет, а другите се „добри пријатели“ или гледаат профит преку мито и корупција. Се тоа за сметка на талентирани и мотивирани деца што сонуаат и вложуваат за да играат во национален тим.
    За да играш во националниот тим, доволно е на право место да дадеш пари (едноставно да си го купиш местото во репрезентацијата) за да си го збогатиш резимето. За ова зборуваат луѓе што многу подобро ги знаат приликите од мене во фудбалот. Тоа е јавна тајна, велат.

    Направена штета: Губење натпревари, лоши пласмани, лошо рангирање поради фудбалери со физикус што воопшто не одговара на барањата на фудбалот.
    Деморализирање на цели генерации навистина добри играчи кои ќе „кренат раце“ и ќе фатат некој трет пат, а оние што имаат можност ќе ја гледаат перспективата надвор од државата.
  • Правична застапеност
    И во правилниците на ФФМ стои дека мора да има 30% друга националност (веројатно се однесува само на Албанците) во рангирањата на годишно ниво. Ако вака идентификуваме квалитет во националниот и клубскиот фудбал тогаш актуелните слаби резултати се повеќе од логични.
    Пр. Се одбираат тројца најдобри фудбалети на годината, а еден од нив мора да биде од не македонска националност. Нека се прогласат сите тројца за најдобри и нека не бидат од македонска националност ако го заслужуваат тоа според модерните фудбалски метрики и норми. „Национална припадност“ некако не ми делува за критериум што може да помогне во контекст на идентификување и прогласување на квалитетот.

    Направена штета: Слаба игра, слаби пласмани затоа што репрезентацијата има послаби играчи и тоа поради тоа што некој припаѓа на ваква или таква национална припадност. Оние подобрите знаејќи ги приликите воопшто и немаат интерес за репрезентативниот состав, веројатно се деморализираат и се фрустрираат.
  • Спортска аналитика и спортска исхрана
    Фудбалот одамна не е само спорт. Се чини дека тој е многу повеќе бизнис отколку спорт. Оваа констатација се чини дека локалните досетливи типчиња со „Итар Пејо“ култура, што никогаш не сум ја сакал, погрешно ја разбрале па придонесуваат за уништување меѓудругото и на националниот фудбал преку лично профитирање за сметка на квалитетот и оние што може да го донесат во домашниот фудбал.
    Големите клубови и репрезентации се трудат да ги подобрат сите пропратни елементи за да имаат најдобри резултати, за да се натпреваруваат во најголемите натпреварувања каде се вртат и најголемите пари од кои фајде ќе видат сите, а најмногу македонскиот фудбал. Занимавајќи се со „Итар Пејо“ сценарија се нема многу снага и време да се мисли на работи како на пример на спортската аналитика.
    На кое ниво се третирани спортската аналитика и спортската исхрана и во репрезентацијата и во клубскиот фудбал? Дали и колку прави фудбалската федерација за систематско воспоставување на инфраструктура за спортска аналитика од која ќе има полза и клубскиот и националниот фудбал. Ова се перспективи кои во денешниот фубал и спорт воопшто се важни ако сакаш да бидеш меѓу најдобрите.
Верувам дека не е лесно, но ќе се најде ли во скоро време лидер што сериозно и искрено ќе се спротистави на овие лоши општествени навики и принципи на функционирање? Ако некој се доживува како таков го молам да делува скоро за да се порадуваме ние обичните смртници на фудбалски успеси од домашните тимови и репрезентативниот тим во скоро време? В-)

No comments: