Tuesday, July 14, 2015

Со Перо Стефановски (Санаториум) за актуелната музичка состојба

Се потсетувам на „На работ на разумот“ и на првата половина на деведесеттите години од минатиот век. Во тој период јас со мојот средношколски другар Митре се идентификувавме преку панк музиката. Дел од пријателите го правеа истото но со звуците на метал групите. Да бидам искрен јас знаев не ретко да го пуштам албумот од Санаториум  и да го слушам со уживање. Се обидував на гитарата да „симнам“ и некоја од песните.

Добив желба да му поставам неколку прашања на Перо Стефановски - Шпирт, вокал и гитара во Санаториум. На мое големо задоволство Шпирт беше расположен да одговори на неколку прашања.

ВБУ: Во деведесетите на минатиот век кај оние што сакаа тврд гитарски звук актуелни беа „Санаториум“, „Сам во очај“, „Без разум и свест“, „Операција на мозокот“, „Сенка на смртта“ па „Удобенковчег“. 
Последнава година тоа е „Кажи не“, „Молк“ и „Молитва“. Дали и „Санаториум“ така жестоки и нескротливи кренаа раце и се препуштија на молењето? (форма на израз што ја опишува состојбата на немоќ, незнаење, откажување од обид за да се земат работите во свои раце?)

Перо Стефановски: Песните на Санаториум ја опишуваат и симболизираат реалноста, општествените појави, животот на обичниот човек, а поентите и пораките се глобални. Оставаме секој да ги разбере и почувствува песните и атмосферата на свој начин, во своја димензија, да се пронајде себе си. Така е и со „Молитва“. Обичниот човек секогаш е немоќен, инструмент на манипулација и интереси, секаде во светот. Чувството на немоќ кај многу луѓе е огромно. Политичките догми, контролата на човековиот ум и притисокот се големи. Луѓето живеат во страв. Тоа е исто како да сакате да скокате со падобран од многу голема височина. Кога ќе скокнете имате перцепција дека сте слободен како птица, летате, имате чувство на моќ, за подоцна да заклучите дека не ви се отвора падобранот, но веќе е доцна. Чувството е такво да само молитва ви остана. Тогаш навистина сте немоќни како единка нешто да направите. Состојба кога едноставно не можете да ги земете работите во свои раце. Има состојби кога некогаш можеби можете нешто да промените, но некогаш не.

ВБУ: Неодамна бев на концерт на САФ. Бројот на посетители беше како да има концерт некој меинстрим бенд со лесно певливи балалајки, а не хип хоп бенд со тешко сварлив бас и лирика. Прикаската за која САФ раскажува преку нивниот израз не е ни малку убава. САФ се легендарен домашен хип хоп бенд и се враќа во периодов веројатно затоа што чувствува потреба да им се придружи на сите оние од актуелната хип хоп сцена што раскажуваат за една вистина на денешницата што ја живеат. (Да Џака Накот, ЛД Пистолеро, Тонио Сан, Страјк со темна жичка во нивнот израз на чело со Страјк, но и оние од источната страна на Скопје што се чини научија во изразот да користат забава Тони Зен, Слаткаристика, ПукаКозметика)
„Санаториум“ е исто така легендарен бенд но стилски поразличен. Идентификувам заедничка потреба на ветераните да кажат нешто периодов, секој преку сопствената форма и начин на израз.
„Во тебе бес, во мене молк!“ Ова се впечатливи стихови од рефренот на последното сингл издание „Молк“. „Санаториум“минатото лето повикуваше на „молитва“, па потоа им кажа не на сите што треба, за неодамна да повика на прекин на молкот што веројатно трае предолго за многу општествени девијантни појави, деформации, аномалии и мизерни општествени вредности.
Каде се проблемите според тебе?

Перо Стефановски: Молк и бес се две различни чувства коишто некогаш се јавуваат заедно. Човекот чувствува бес, но молчи во немоќ да направи нешто. Но тогаш врие внатре во себе, а кога ќе пукне, кога ќе настане прекин на молкот може се да се случи, да настане експлозија. Проблемите се однесуваат на тоа што се загубени многу вредности или можеби одиме во некој правец којшто јас не го разбирам, не знам. Времето ќе покаже. Поделбите меѓу луѓето во општеството на наши и ваши, на подобни и неподобни, на патриоти и предавници, се доминантни. Политиката е примарен сегмент насекаде и длабоко навлезена во секоја пора. Луѓето се премногу оптоварени со политика. Истата е присутна насекаде. Се друго е во втор план. Години наназад воспоставена е некоја матрица од којашто според мене ќе треба многу време да излеземе. Од аспект на музиката, македонската сцена со чест на исклучоци речиси исчезна од медиумскиот простор, од интересот на медиумите. Сè се одвива на интернет. Политиката ги запоседна медиумите. Овде мора да се има предвид нивното влијание на луѓето и повеќедимензионалната функција којашто ја имаат.

ВБУ„Мрак“ ги издаде последните три песни на Санаториум на ЦД што се продава во локалните продавници за музика, но во исто време песните ги објавувате на вашиот веб сајт и се достапни во различен формат бесплатно. Јас сметам дека за музиката треба да се плати, па отидов да си го купам ЦД-то со последните три песни од „Санаториум“. На што е резултат тоа што ги објавувате песните слободни за преземање? Вашиот израз со гитарата во раце чини 0 денари ако некој сака да ви ги преслушува песните од дома, во кола или на работа? Сметате дека овој извор на заработка комплетно е исчезнат, па се трудите да заработите нешто од настапи/концерти?

Перо СтефановскиВоопшто целта не беше да заработиме од песните, ниту пак во денешни услови е возможно тоа. Едноставно тоа е подарок за фановите и оние коишто сакаат да ја слушаат музиката на Санаториум. Заради Интернетот, достапноста до песни, информации е голема. Сведоци сме дека сите секојдневно сме затрупани со секакви информации, па ниту можеме сè да видиме или пак да прочитаме. Музичката индустрија глобално гледано тоне надолу и се помалку е можно да се живее од музика секаде во светот со исклучок на бендовите коишто се во „big business“ елитата. Се јавува проблем на егзистенција на музичките артисти од продажба на албуми во целиот свет. Оттука илузија е песните да бидат достапни само преку ЦД или пак да се очекува нешто да се заработи од тоа. Единствено што може нешто да ги одржи бендовите во живот се концертите и продажбата на фан реквизити. Сеуште не е измислена опција „free download за маици, капчиња и сл. J. ЦД-то е исклучиво само за оние коишто сакаат во својата колекција, да го имаат како издание и ништо друго. Од тоа нема никаква заработка. Заработеното од концерти повторно го вложуваме во музиката, во опрема, студио. Ова го работиме затоа што го сакаме, заради нашите фанови, а денот кога имаме концерт е празник за сите нас.

ВБУПовеќето бендови од Македонија присутноста на веб ја решаваат преку едноставна страна на Facebook, bandcamp или некој трет сервис што овозможува објавување содржини за бендот. „Санаториум“ има сопствен домен и сопствен веб сајт што го ажурирате. Некој од бендовите велат, тоа ни е екстра трошок и бара дополнителен ангажман, многу повеќе отколку да сме на Facebook или некој друг сличен сервис.
Вие сте и на Facebook но имате и сопствен веб сајт. Каде ја гледате придобивката во тој контекст? Кој го одржува веб сајтот, Горан? (Горан Атанасов – тапанарот на „Санаториум“ – поради тоа што неговото формално образование е поврзано со информатичките технологии и сметачите)

 Перо СтефановскиВеб страната www.sanatorium.com.mk ја имаме одамна и како наша традиција ја задржавме и понатаму без оглед на трошокот за истата. Глупсон не е задолжен за веб страната иако е IT експерт. Истата ја ажурира Далибор Насевиќ којшто е наш пријател и фан на Санаториум уште многу одамна. Далибор има слобода во креацијата на веб страната и работи самостојно, а само кога самиот чувствува потреба за одредени аспекти се консултира со нас.

ВБУВо тебе бес, во мене молк! Во нас и бес и молк, ама кога ќе пукне, ќе се случи народ каков што веројатно никој не видел до сега. Ако нивото на толеранција е такво какво што е, огромно, очекувам нивото на реакција по поминување на тој праг на толеранција да биде исто толку жестока, каква што е и „Молк“.
Дали во некој од младите што го имаат истиот музички израз каков што го има Санаториум има ист толкав бес!? Кој од локалните бендови го изразува својот бес преку гитарите на начин на кој тебе ти се допаѓа?

Перо СтефановскиВо младите е енеригијата и прогресот. На нив останува светот. Ние биолошки можеби не сме веќе толку млади, но духовно сме сеуште млади и тоа е најважно,... Кога одиме на концерт, кога свириме, со истиот жар го работиме тоа како и пред многу години, како на почетоците. Од бендовите, на времето додека постоеа тоа беа Орион, сега се Смат, Верка, Hardfaced, Gears и многу други.

Информации за дел од дискографијата на Санаториум може да видите на ВБУ Музички Регистар.

No comments: