Friday, March 27, 2015

Секс, дрога и мамата мамина на царот!


Вторник, 24.03.2015 Драмски Театар, ред трети, седиште број десет. Го сместив задникот на седиштето од Драмски во кое секогаш кога ќе седнам се чувствувам одлично без разлика што фотелјата во која сум навален не е толку удобна. Повеќе ми значи содржината пред очите, отколку удобното седло за задникот.

Чекав да почне „Секс, дрога и рокенрол“ во реализација на Ристо Алексовски (режија) и Сашко Тасевски (актер). Си велам, едно од подобрите сценарија за завршување на работен ден - имав среќа. Монодрама со Сашко, секогаш интересен во излагањата поради аполитичниот, експлицитен и сочен скопски израз како и поради храброста да коментира аномалии и дефекти на заедницата во која и јас живеам. Си велам, Сашко е среќен што го инспирираат ваквите состојби во општеството бидејќи не е премногу тешко да ги идентификуваш во секојдневието.

Умот ми шеташе лево-десно додека чекав да почне претставата, а тогаш го пуштија уснимениот вокал да не потсети дека треба да ги исклучиме омилените геџети за да не пиштат додека трае претставата. Јас моите „прозорци кон светот“ (Windows) ги заборавив во капутот што го оставив во гардеробата, па немаше потреба да интервенирам.

Претставата почна и заврши. Во основа ми се допадна. Си поминав одлични час и половина (вклучително и дремењето во фотелјата пред да почне претставата).
Актерот, според моето толкување, претстави неколку различни профили на луѓе што ги препознавам како вообичаени карактери во моето општестсво.
На почетокот на претставата Сашко глумеше просјак, поранешен затвореник што на крај од тој чин од претставата, просеше од публиката и бараше сожалување. Кога се симна од сцената меѓу луѓето и почна да им бара по некој денар, најпрвин оние во првите редови се насмевнуваа и се подместуваа во седиштата, веројатно чекајќи да заврши тој дел од сценариото, но кога Сашко повторно и повторно продолжуваше да им се обраќа на начин што повеќе не изгледаше воопшто на глума за овие да извадат некоја ситна пара од џебот, публиката почна да ги бара и отвара паричниците. Додека тој шеташе низ редовите седишта што му беа достапни и бараше сожалување и ситни пари од публиката, за миг како да препознав улога на актер од моето општество и симболика на состојбата во која оваа фела се наоѓа а која може да се поистовети со онаа на просјакот кога проси. (се разбира во поинаква позиција се оние што играат по тактиката)
Ми се допаднаа и останатите чинови од претставата и покрај тоа што препознавам несакани сцени од секојдневието во кои актерот потсети и на други вообичаени и мизерни карактери и препознатливи сценарија што ги има со почеста фреквенција од онаа што многумина што веќе побарале азил во друга држава можеле да ја издржат.
Oна што најмногу ми остави впечаток е финишот на претставата, поточно последниот лик. 
Во претставата Сашко глумеше просјак, сиромав, претставник од раководните структури во деловната заедница, некаква си рок ѕвезда (позната личност од естрадата), но последното претставување на актерот мислам дека беше негово лично претставување.

Последниот лик ми се чини дека беше тој самиот. Седнат на стол до еден голем Marlboro пепелник пред аудиториумот, народот, простата маса, курнаски скрстени нозе и запалена цигара за да даде на интензитет на курназлакот. Како не го носев апаратот со телеобјективот за да го усликам. Сашко седеше во стилот на: - СЕДИ СЕА ТУКА, ЈАС ДА ТИ КАЖАМ!
И мислам дека тука кажа тоа што всушност сам и сака да го каже, а и го кажува во друга форма одвреме навреме на различни медиуми. Ако тоа е дел од авторскиот текст за претставата, а не негова творевина, тогаш сигурен сум дека тој сто проценти се пронашол во овој дел од скриптата и ми се допадна и покрај тоа што беше критичен према публиката во која се најдов и јас, а која во таа ситуација беше претставник на народот/масата.
 
На целата екипа одговорна за реализација на оваа монодрама им посакувам многу успех.
Тебе Сашко ти посакувам многу успех во она што го работиш, без разлика дали додека скокаш по даските што живот значат или навечер кога штракаш по тастатурата на компјутерот додека ја пишуваш новата книга откако ќе ги заспиеш децата.

Ви препорачувам да ја погледнете претставата, можеби делови од нејзе ќе разбудат нешто во вас. Ако не повеќе, барем да ве охрабри да не преќутувате работи што не се за преќутување.

No comments: