Tuesday, October 7, 2014

Со Тони Зен за хип хоперските работи, врвовите и созревањето

Ми текнува на „Интелект“, поточно на видео спотот за оваа песна. Во најмала рака интересно направен видео спот (нешто ново и поразлично на тогашната домашна музичка сцена), а телевизијата уште еднаш се потврди како моќен медиум преку кој јас разбрав за Тони Зен.
Пет албуми. Два на „Урбана Димензија“, и три на Тони Зен. Последниот албум на Тони Зен со назив „Микро скопски организми“ е промовиран некаде во Октомври 2013. На овој албум се наоѓа „под контрола“.
Оваа песна е изненадување за мене. Не очекував дека некој со толкава присутност на нашите медиуми и популарност ќе направи песна преку која ќе пренесе видување, а резултатот од тоа ќе биде како да си ја сечеш гранката на која седиш. Се појави песната и спотот (а во оваа прилика би ги спомнал и песните „Назад“, „Зошто?“ и „Добродојде“ од истиот албум), доби награда за најдобар спот на „Златна Бубамара на популарноста“ и Тони Зен го снема... медиумски.

Што му се случи на Тони Зен па направи нешто како „под контрола“? Од песни за маалото, улицата, „лошите девојки“, конкурентските хип хоп бендови, пријателите од Ново Лисиче (будало) и Лупус, направи песна што од main stream популарноста го вратија во маргиналната хип хоп суб-култура на источната периферија од главниот град, што на крајот на денот е во суштината на Хип-Хоп-от.

ЈАС: Што му се случи на „Суперзен?

ТОНИ ЗЕН: Суперзен ја исполни мисијата, ја заврши неговата работа. Еволуираше и премина во микроскопски организам.

ЈАС: Микро скопски организми“ според моите скромни аудио инженерски познавања има одлична техничка реализација (нема да спомнувам дали лично мене ми се допаѓа семантиката на тој производ), а сепак неговата промоција и медиумска покриеност не беше и не е како онаа за „во мој стил“.
Ги држам в рака двата албума (а што да правам и јас патам од соништа иако имам редовна несоница – www.muzichkiregistar.com) и „во мој стил“ издаден за „Јованов Рекордс“ и „Микро скопски организми“ на „СТ продукција“ и ги разгледувам. На првиот наредени лого типови од неговите поддржувачи, трипати повеќе од овој вториот.
Добро го знам чувството кога нозете ти се враќаат назад кога наутро одиш на работното место во кое би фрлил бомба. Што е тоа што тебе ти ги враќа нозете од врвот, ако твојата работа значела искачување на музичкиот врв во Македонија!? Што осети ти на своја кожа за потоа да внимаваш постојано? Селска приредба?! за која говореше и Столе Попов неодамна на и за филмскиот фестивал „Браќа Манаки“! Тоа ли е чувството на „врвот“?


ТОНИ ЗЕН: „Микро скопски организми“ според мене е мојот прв албум затоа што пред се претставува идеја позади која има концепт, за разлика од претходните. Медиумската помпа за овој албум не постои затоа што јас така одлучив. За претходните албуми имаше многу повеќе маркетинг затоа што бев со продукциски киќи, а овој пат сè беше направено во сопствена режија и немав никаква продукција позади мене и моите ставови. Стерео рекордс (stereo records) на Нино Васков помогна за реализација на албумот, а „СТ продукција“ за издавањето.
Кога созреваме воедно и се будиме и сонот за искачување на некаков врв завршува. Сме се искачиле, сме виделе што има горе, сме ги осетиле на кожа сите пречки, се враќаме доле и раскажуваме како било. Освојувањето на таквиот врв за мене е една илузија, игра и визуелизација внатре во умот што излегува и надовр од него за да видат останатите битија што сум „крпел“ во подсвеста. Но сето тоа е потреба на егото.
Вистинскиот јас ги сака вистинските природни врвови и е на пат да ги посетува и биде во хармонија со нив.

Слаткарот им се обрати на најмладите со песната
„Дими Џам“, па им се извини за непристојноста
додека овие го гледаа со восхит, веројатно неразбирајќи
за што се работи.

ЈАС: Конкурираше на програмата на Министерството за култура преку која се стимулира креирање музички дела што промовираат семејни вредности и многудетни семејства (Се прашувам, како ли јас со моите аматерски електро инструментали да се изразам за да докажам дека си ги сакам двете деца и жената и дека се трудам да ги научам на вредности што ќе им помогнат да учествуваат во градење на здраво општество, па и јас да соберам нешто ситни народни пари?).
Колку што прочитав во еден пишан медиум те одбиле? Со кои песни конкурираше на оваа програма? Минатиот викенд имаше некаков настан во градскиот парк на кој се дереа преку разгласот и повикуваа да правиме многу деца, а од кога си отидоа гласноговорниците се качија на бина дел од актуелните изведувачи, меѓу кои и другар ти Слаткарот. Тој им ја изрецитира Дими Џам“ на собраните дечиња како поддршка на настанот што требаше да ги промовира семејните вредности и многудетните семејства. %-o (За воља на вистината, Слаткарот скоро да се извини за песната. Кажа дека да знаел дека ќе имало многу деца, немало да ја пее таа песна. Дали воопшто им кажуваат каде ќе настапуваат и што е поводот, а артистиве изгледа не ни прашуваат каде треба да настапат и пред кого? Или ништо од тоа не е важно? %-o Што вели Чорба, важно је само добро се зезати)
Ова ли е врвот што во моментов го ужива Тајзи од кој ти се врати назад па им пренесуваш искуство на останатите и ги одвраќаш од „врвот“? Има ли некој нормален у контрола на квалитет што нешто гледа, таму на „врвот“?
Се надевам децата не успеаа да разберат многу од песната на Слаткарот што BTW е фантастична според мојот вкус, а и искрена е, од срце, тоа секогаш се препознава. Барем така ја чувствувам јас, за разлика од онаа „Среќа“. (што велат во Струмица: „НЕ БИВА!“)

ТОНИ ЗЕН: За конкурост, несакав да конкурирам меѓутоа блиските пријатели и соработници ме убедија дека треба да го сторам тоа затоа што заслужувам некој денар од ваквите проекти, за кои лично сметам дека требаше одамна да им текне да ги направат и да ги поддржат музичките артисти на ваков начин. Јас не добив ништо, најверојатно затоа што има други пред мене во редот кои се побитни, но мене тоа не ми пречи. Повеќе ме загрижува сознанието дека има многу квалитетни млади алтернативни артисти кои неможат да скрпат ден за ден и неможат да бидат слушнати и видени, а ја сакаат музиката и уметноста. Мислам дека на тоа треба да се обрне повеќе внимание, а не со ваква помош да се помага на веќе популарните музики изведувачи.

Што се однесува до настанот на кој што си присуствувал, неможам да дадам мислење освен тоа што можам да ти кажам дека сум учествувал на еден куп такви настани и знам како му е на Марко и на Тајзи, тоа е. Такви настани имало и ќе има, артистите на таквите собиранки и пропаганди се само алатка за да ја анимираат публиката.

ЈАС:  Кој води на оваа денешница? Западна „обала“ (Легијата и целата нејзина декомпозиција) или источна „обала“ (Токсикологија и сите фракции)?

ТОНИ ЗЕН: За ова прашање треба да се направи една анкета меѓу народот. :) Мислам дека за такви податоци не се замара ни едната ни другата „обала“. Ние само сакаме да создаваме песни и да ги пласираме во јавност. Целта ни е да се прошири муабетот за хип хопот како урбана суб-култура, без разлика кој води или кој е подобар или кој има бољи траки. Сепак мислам дека заедничката цел е остварена, хип хопот го има за секого и насекаде.

ЈАС:  Навистина ли мислиш дека сите сме исти!?

ТОНИ ЗЕН: Да, исти хибриди. Исти биолошки компјутери само различно програмирани.

ЈАС:  На последниот албум „Микро скопски организми“ автор си на музиката и аранжманот на неколку песни. Што користиш од инструменти и алатки за создавање на музиката?

ТОНИ ЗЕН: Основната идеја ја поставувам во Acid на Sony, па после сето тоа се префрла во Cubase во студиото кадешто се снимаат вокалите, па се микса и се прави мастеринг на песната. Тоа е веќе работа на музичкиот продуцент кој е одговорен за финалниот звук на песната. Јас употребувам исклучиво семплови, додека музичкиот продуцент на „Микро скопски организми“ Нино Васков користи исклучиво инструменти.

ЈАС: Зошто повеќе не постои www.tonizen.mk? Профилот на Facebook треба да е негова замена? Дали знаеш дека од 1-ви Ноември годинава Facebook планира да почне да наплатува за корисниците (околу 3 долара месечно). Ќе имаш ли тогаш Facebook профил ако тоа се случи или !?

ТОНИ ЗЕН: Во модерно време ретко кој артист има интернет страница. Испадна дека е трошок па ај сите гага профили или фан бази на Facebook, Instagram, Twitter и така натака. Доколку се наплаќа и Facebook, ќе се појави нешто ново што е бесплатно па најверојатно сите ќе се „преселат“ таму. :) Незнам што да мислам за ова, искрено. Најверојатно ќе најдеме начин и пат како да стигнеме и допреме до луѓето.

ЈАС: Дали доколку има локален сервис што ќе продава музика во дигитален формат(MP3) би склучил договор со сервисот за да се продава твојата музика? (Веруваш ли дека вреди да се направи таков договор? Дали мислиш дека некој би купувал MP3-ки во оваа наша државичка а и нашата дијаспора кога знаат дека може да ги најдат за џабе?)

ТОНИ ЗЕН: Се ќе направам само да знам дека пораката што ја испраќам ќе допре до масата. :)

ЈАС: Кога последен пат си купил музички медиум од некој свој колега музичар?

ТОНИ ЗЕН: Обично си ги разменуваме албумите, ретко кој купува. :)

ЈАС:  Дали професионално се бавиш со создавање музика и изведување? (Дали заработуваш за живот од тоа?)

ТОНИ ЗЕН: Сега за сега заработувам и живеам само од тоа и сметам дека мојот пристап кон музиката, кон нејзиното создавање и изведување, од секогаш бил професионален.

ЈАС: Ако навистина постои „Суперзен“ и може да го врати времето како што тоа го направи Супермен, дали повторно би ја издал „под контрола“ со спотот?

ТОНИ ЗЕН: Би ја направил, само со поинаква музика и уште поквалитетен спот. :) Второто продолжение од „Под контрола“ веќе постои и се вика „Прљаво на Балкан“ заедно со Сиги. Исто така се спрема и видео спот.


Дополнителни ресурси што би можеле да ви бидат интересни:

No comments: