Friday, August 9, 2013

Ново ЦД со бајата содржина (Бојлер против бојлера!)

Нокаут подготвува ново ЦД со веќе добро позната содржина. Веста е објавена на Фејсбук страницата на Нокаут, а еден од коментарите е следниот, цитирам:

Име и Презиме: „Не мислите дека е малку доцна ? Скоро сите песни на некои плај листи на youtube имаат или имале (на избришаните) од 200-500 илјади прегледи, по интернет го имаше цел концерт во видео и ауди формат за симнување, песните ги има како прецизно извадени од истото аудио и направени како мини албум со најдобар можен квалитет... после сето тоа вие мислите дека објава на официјално цеде на истото ова може да успее... жалам, снимете го ова во нова верзија, со нови обработки/изведби на песните на понова може и уште подобра опрема и го купувам, а ова од 2007 јас го имам во PC од 2008 сега сме 2013...”

Завршен цитат.

Следува мојата реплика. Ја ставам на мојот блог затоа што, најверојатно е предолга за Фејсбук коментар.

Па иде вака:

Најди ја грешката
Јас неможам комплетно да се сложам со тебе Име и Презиме. Можам да се сложам со делот дека официјално издание на ЦД или друг медиум од анплагдот сниман во 2007-ма можеше да се случи порано, но еве сега го има.
Мислам дека не е работата дали можеш да дојдеш до дигитална копија што се диструбуира преку Интернет или не и дали порано можеш да дојдеш до истиот материјал.

Според мене купувањето на ЦД-то има повеќе ефекти:

1. Задоволување на личниот апетит, вкус и потреба за музичка естетика и нејзино консумирање на оној што ќе го купи, пропратено со некаков опиплив предмет, за кој ние луѓето имаме некаков посебен однос во споредба со она што неможе да го допреме, изразувајќи ги сопственичките права и потребата за поседување. (ЦД-то е посебен производ што покрај главната содржина (песните), носи и други вредноси, како амбалажата и омотот на пример. Целото тоа, се разбира зборувам во лично име, ми прават дополнително задоволство)
Ако ова претходно си успеал да си го задоволиш преку MP3-ките што си ги симнал од нашите вредни локални „пирати”, следат неколку други димензии или причини зошто сметам дека треба да се купи ЦД-то.

А како им било на овие со 3.5
кила товар на глава?
2. Почит и награда за добро завршена работа. Купувањето на ЦД-то значи почит кон работата на оние што го создале и на оние што ја создале содржината запишано на ЦД-то. Неможам да зборувам во името на музичките автори и на Нокаут, но верувам дека секое продадено ЦД им значи и ќе им значи, односно дека тоа е дополнителна радост за авторите (и покрај тоа што не се деца и работат повеќе од една деценија). Верувам дека тоа директно предизвикува возбуда што ги мотивира за понатамошна работа, а со секоја понатамошна работа несомнено расте и квалитетот. (Нека ти текне Име и Презиме, на првата песна на Нокаут, Еј Би Си - преработка со призвук и динамика на песна што мене многу повеќе ме асоцира на песна за детски фестивал и слушни ја денеска, после повеќе од 15 години континуирана работа „Запомни, тоа е сè што имаме”. Зошто не би ги израдувал и мотивирал оние што прават нешто што ти се допаѓа, за да можат и понатаму да ја создаваат музиката што ти се допаѓа? (Еве препорака за еден краток напис на англиски јазик со назив: Get Into the Zone - напис што се однесува на ефикасноста при работењето)

3. Финансиски ефект. За нормален живот и напредување во работата што ја сакаш и работиш парите играат голема улога. Ова важи за секој човек, со која и нормална работа да се занимава. Музичките бендови кај нас од што живеат? Колку професионалци имаме што се бават со таа работа и создаваат авторска соджина, наша, на Македонски јазик? Еден извор на приход се настапите, а втор... незнам дали и воопшто го има и ако го има дали воопшто може да се брои. Со секое купено ЦД, дел од парите одат и кај авторите, кај оние што ја создаваат музиката што ти се допаѓа. Ако сите на кои ни се допаѓа тоа што го прави Нокаут, купиме по еден примерок тие ќе имаат можност поинаку да ја планираат нивната професионална иднина, па и приватната што несомнено е како врзан сад со професионалната перспектива (муабетот за подобра опрема и поквалитетно снимање итн.).
И да си ги „излижал” MP3-ките од слушање, ако навистина ја почитуваш нивната работа и ја разбираш нивната позиција и состојба во која се наоѓа домашната продукција генерално, а преку нејзе и сите ние во јамата со фекалии, дај ги парите од утрешната кафана со другарите на која ќе лапате ширден, за едно ЦД од омилениот музички автор/бенд.


Казниво је играње руком
у шеснајестерцу
4. Со издавање на еден таков производ, Нокаут го гради своето резиме. И тој како и сите субјекти (правни, физички, музички, криминални...) има свој животен циклус, има нешто што остава трага, печат и се евидентира како историја односно, завршена работа што на крајот од денот се брои, се вреднува и се раскажува. Исто како ти, кога одиш да конкурираш некаде за работа што си го носиш своето резиме под мишка и сакаш да покажеш и раскажеш што си сработил, за да влезеш во некое друштво, за да ја покажеш вредноста што ја носиш, за да си најдеш работа, за да бидеш добро вреднуван, за да ти се отворат некакви врати, за да те запомнат и почитуваат, за да ти дадат пари што ќе ги трошиш на тоа што сметаш дека е вредно, така и музичкиот бенд има сопствено резиме. Нокаут бележи уште едно издание во нивното резиме. Веројатно можело да се издаде и порано, но еве го сега и го збогатува нивното резиме.

5. Домино ефект. Низа ефекти кај останатите инволвирани во и околу музиката: музички продавници, музички магазини, издавачи, младите луѓе - можеби идни музички великани со кои ќе се гордееме како граѓани на оваа државичка.

Тоа се неколку ефекти или причини зошто да се купи ЦД-то што сакав да ги напишам како аргументи против ставот: што ќе купувам сега ЦД со материјал што веќе одамна сум си го симнал од Интернет по Warez канали, па и згора на тоа со многу бајат материјал, јас си ги симнав тие ехеее... кога беа тазе. (За да направиш квалитетно издание потребни се пари, ако ги немаш како ќе го создадеш? Од музиката неможеш да заработиш, бидејќи и тие што ти ја сакаат музиката не се спремни да дадат пари за настап/ЦД. Ќе работиш нешто трето за да преживееш и да заштедиш за да вложиш во музиката за која ни фановите не се спремни да ти вратат со купено ЦД? (да вратат со дадени пари за трудот и работата). Ова можеби звучи грубо, но тоа е вистината и здравиот модел на функционирање, барем според мене.)
Според мене, музичките бендови во Македонија треба да се трудат да отвараат можности за продажба на нивниот имиџ и соржина што ја креираат, а почитувачите на нивната работа (фановите) да враќаат со давање паричка за производите што ќе може да ги набаат од бендот. Ако не постојат производите(еден вид производ е музичка целина на ЦД) и оние што се спремни да купат нешто од бендот, нема како и каде да го направат тоа. (Зборувам од лично искуство. Јас сакав производ од тој настан што ќе можам да го поседувам и бев спремен да платам за тоа. Го немаше. Да постоеше јас ќе платев и дел од тие пари ќе ги добиеше и бендот. Сега овој производ го има и ќе го купам, односно во мојот пост за појавувањето на ова ЦД, напишав дека ќе купам копија и ќе ја поклонам на некој на кој му се допаѓа Нокаут. Основните мотиви за тоа се напишани во оние претходно напишани пет точки во овој текст)

Егзотика
Мојот став е дека музичката понуда од домашната продукција нетреба да се клоца во долот и покрај тоа што треба да се испраќаат забелешки и да се коментира (поздрав за твојот коментар Име и Презиме), туку треба да и се помогне и мора да и се помогне од секој поединец, љубител на музиката. Мислам дека секој обичен смртник што сака музика, а не верувам дека постои човек што несака музика, ако си купи ЦД од неговиот омилен автор и тоа го правиме повеќето од нас и континуирано, ефектите за кои пишував ќе започнат/ ќе се стимулираат/ ќе се интензивираат со што верувам дека сериозно може да придонесат нашата музичка продукција да порасне и квалитативно и квантитативно.

Од друга страна, доколку не сте биле скоро (читај години наназад), прошетајте до локалните продавници на ЦД-а, ќе се изненадите какви изданија има од домашна продукција што може да ги најдете токму на ЦД, што меѓудругото претставува можност некому да му ја вреднувате работата (да дадете дел од вашето време за кое сте успеале да заработите некоја пара, на оној што тоа го заслужува како што тоа било случајот со вас, кога вие сте ја добиле вашата дневница/плата/дивиденда). 
Постојат производи што се за на полицата за добра музика, а не за полицата со македонска музика (се надевам дека ме разбирате што сакам да кажам).

Спорт, Музика, Спорт
Во оваа прилика би сакал да ги спомнам моите омилени:
Старовски - Прашинка Љубов,
Кабадајас - IV,
Фулиш Грин - Ескејп,
Смут - Мемоарите на скрениот човек,

Суперхикс - Африка,
Елена Христова и Горан Трајковски - Биоскопија,
ХАХАХА - Сиромашни и Богати, Танго Револуционер,
Беј Д Фиш, Фолтин, Љубојна, Фин Проџект, Мугер Фугер, Конкверинг Лајон, Роботек.

Особен акцент би сакал да ставам на хип-хоп домашната продукција и ЦД изданија, но и дигирален формат што не сум сигурен дека некаде може да се купи. Одлични песни, супер изведби. Се чини дека хип-хоперите научија што значи Entertainment, се осеќа тоа многу во изведбата на некои домашни ветерани и од западната и од источната „обала”.
Одлични и Токсикологија и Легијата и сите оние што излегоа од овие две екипи. Да Џака Накот, Страјк, ЛД Пистолеро, Тонио Сан, Пука Козметика, Слаткаристика (Голем дел од кредитот за нагорниот тренд на развој и зголемување на квалитет на домашната хип хоп продукција несомнено има и Гоце САФ со една специфична улога во целиот процес)


...и наравно Џеј!
ПРАШАЊЕ ЗА ЈАВНОСТА
Ќе си земам за право да ве прашам (овие 6.729(во моментов на пишување на оваа реплика) like-ери на FB страната на Нокаут),
Кој од вас ќе го купи ова ЦД кога ќе се појави? Зошто ќе го купите или зошто нема да го купите?

Би сакал да прочитам и да разберам од расположените за дискусија, за личниот однос кон домашната музичка продукција и на темата за престојното ЦД на Нокаут и сите останати музички производи што се објавуваат.

Има ли расположени? В-)

П.С. Еве ја објавата и коментарите на Фејсбук.

П.П.С. Каква ствар еј!
П.П.П.С. Солидарност за бадијала

No comments: