Sunday, June 9, 2013

Концертот на Нокаут во Скопје на 08.Јуни.2013


Јас и професорот со неговата сопруга, фино позиционирани и расположени на една од масичките, пиеме и коментираме за вообичаени и невообичаени животни сценарија, ја оправаме државата, се потсеќаме на времиња и идентификуваме заеднички пријатели и познаници преку случки од животот.
По неколку испиени пијачки и пријатен муабет со пријатни луѓе забележувам дека клубот веќе се наполнил, а луѓето расположени почнуваат да бидат активни. Она што ми остави впечаток е дека имаше бурна реакција кога низ звучниците се слушна U Can't Touch This од MC Hammer. Ех, си велам, што добри музички времиња беа тоа. Првата половина на деведесетите години од минатиот век. Па почнувам да се потсетувам на останатите од тоа време: C&C Music Factory, De la Soul, Vanilla Ice и да не ги редам сега сите. Си велам, штом вака реагира публикава на MC Hammer тогаш доминантната публика не е толку многу млада како што јас очекував да биде. Тоа би требало да се луѓе на некоја возраст од 32/33 до 40 години.

Клубот веќе беше полн и сите очекуваа почетокот на она за што беа дојдени.

Претходниот ден и дел од ноќта Нокаут имаа исцрпувачко и долгометражно снимање на видео спотот за песната „Запомни, тоа е сè што имаме”. Уморни, но насмеани пред луѓето што дошле да ги гледаат и да ги слушаат нивните песни, се качија на бината неколку минути пред 2h по полноќ и реализираа ННН (трипл Н) отварање. (песната Нокаут, од нивниот прв албум со назив Нокаут, што ја изведе, се разбира, групата Нокаут).
Колку и да се уморни, кога ќе излезат на бина како инстант да добиваат енергија, како да добиваат дополнителни две нуркачки боци кислорот на грбот. Веројатно тоа е дел од она што се нарекува професионален однос што јас лично го препознавам, како и многу години (повеќе од 15 години постоење на Нокаут) креирање синапси за она што го прават, а тоа е создавање и изведување музика и тоа добра музика.

Беа свирени најголем дел од песните што повеќето луѓе ги знаат. Музичката еволуција на Нокаут од почетокот (Еј Би Си) до нивната последна песна (Запомни, тоа е сè што имаме) е голема. Последната песна е скоро промовирана во јавноста и верувам дека ќе треба да помине некое време за да може гласно сите да ја пеат на некој од настапите што следеат, но затоа кога почна изведбата на Еј Би Си, можеше да се осети задоволството кај публиката.

Запомни, тоа е сè што имаме

Живот дојде, друг пак заминува кој многу ми значи
Прекрасно изгледа, лице тажно ме погледна, живи здрави!
Вети ќе се слушнеме, можеби, а можеби не.

Дојде време јас да понесам
кревам знаме, високо нишанам
затворам очи, да не избледне се

Време лечи се, само вистина не
погледни ме мене
Сеуште не се познава, добро успевам
да го сокријам, длабоко, длабоко
бори се!

Дојде време да се откријам
кревам знаме, високо нишанам
затворам очи да запаметам се

Дојде време јас да понесам
кревам знаме, високо нишанам
затворам очи, да не избледне се

За мене тоа е сè што имам засекогаш,
ти си ми се!

Песната може да ја преслушате овде.
Нема оправдување да не се знае за следниот настап на Нокаут. В-)
Имав прилика да се качам на бината додека траеше свирката, за да направам неколку фотографии (да им сметам малку на професионалните фотографи В-)) и за да видам барем неколку минути како изгледа кога стоиш пред толку многу народ што го очекува од тебе најдоброто во моментот во кој се наоѓате заедно на истото место.
Моја слободна проценка е дека имаше неколку стотици љубители на музиката на Нокаут. Во првите „борбени” редови пред бината, можев да забележам задоволни лица што очигледно беа добро  „наоружани” со знаење на текстовите од песните, спремни за уживање и пееа заедно со Пере.

Публиката имаше можност да ја слушне и изведбата на последната песна. И покрај тоа што бев малку настрана од бината, мене ми звучеше одлично. (со нетрпение го очекувам и видео спотот за оваа песна)

Не сум сигурен колку долго траеше концертот. Помина брзо и лесно како што обично поминува времето кога правиш нешто што го сакаш. (Убави и пријатни луѓе, познати и пријатели, добра музика, по некоја пијачка и радост)

Откако заврши свирката следеше вербална комуникација со дел од фановите за да се сподели искуство од двете страни. Она што јас го наслушнав во дел од дискусијата, затоа што случајно се најдов до некои од членовите на бендот, е дека фановите уживале во концертот.
Членовите на Нокаут пак, се интересираа за тоа како си поминале фановите и учтиво се заблагодаруваа на убавите и пофални зборови од фановите.
Се разбира следеше и фотографирање со членови од бендот. Јас исто така како и останатите фанови на Нокаут, го искористив моментот да бидам дел од личната документација за овој настан, преку фотографија заедно со Пере и Бојан.

No comments: