Sunday, March 3, 2013

Со Никола Стојковски за Fin Project и музиката воопшто


Одличен производ! Тоа ќе ми биде одговорот доколку ме прашаат за beats & ornaments inside Macedonia. Кога бев лани во Декември во ½ Југотон (ГТЦ) да си купам нешто од поновата македонска продукција (ова ми е како некаков ритуал наназад една година), ми го препорачаа Fin projectbeats & ornaments inside Macedonia (BOIM). На услужливиот познавач на музиката од ½ Југотон му реков дека ќе го земам и Fin project. По две недели преслушување со паузи и во различни услови, можам да кажам дека музиката од BOIM навистина ми се допаѓа. После две недели го купив и му го подарив на еден мој пријател што ја сака современата електронска музика на кој исто така му се допадна.

Неодамна овој музички производ имаше своја официјална промоција. Можеше да се забележат неколку написи во различни медиуми за овој музички албум. Некои од текстовите ги прочитав, па сепак, имав желба да го прашам неколку прашања носителот на овој проект Никола Стојковски [НС]. На мое задоволство тој се согласи да ми одговори на моите прашања за да можам да си го задоволам моето љубопитство, но и за да споделам информации на темата, преку овој текст.

[ВБУ] Овој албум е тематски. Сегменти од македонската изворна музика се провлекува низ сите траки на албумот. Никола, колку изборот на изворните песни за содржината на албумот е внимателно направен?
[НС] Традиционалната музика кај нас, според мене, најчесто се поврзува со турбофолкот, барем меѓу младите, со тоа нејзината вредност е деградирана. Со цел да придонесам кон разбивање на таа предрасуда, разработив теми на еден поинаков, за нив поприфатлив начин, намерно одбирајќи некои повеќе познати но и помалку познати теми.

[ВБУ] Имам впечаток дека повеќето музички автори во една фаза од креативното изразување, ја третираат изворната музика. Сум слушнал такви изрази на креативност што некако, како со токмак за рушење криви ѕидови да се набивани во некаква музичка секвенца и за кои од авион се гледа дека не им е местото таму. Во твојот запис од музичкиот креативен нагон што си го имал додека си го создавал она до кое денеска референцираме со BOIM, изгледа како целина, не нападно, не агресивно, не исилено туку слеано и природно. Што беше основниот мотив за третирање на изворната музика во твојот современиот музички израз спакуван во Beats and Ornaments Inside Macedonia?
[НС] Во дел од прашањето е и дел од одговорот. Имено, и јас имам слушнато такви обиди што можеби имаат искрена цел, но реализацијата не ги оправдала првичните замисли. Мојот обид е сублимиран во фузија на електронски, инструментален и традиционален звук, со внимателно градени аранжмани и музички изрази, кои се надевам ќе го најдат местото во музичките колекции на сите оние искрени љубители на музиката, не само на традиционалната, туку воопшто на музиката. Што се однесува до мотивот за третирање на изворната музика, едноставно, јас не познавам музичар кај нас, а и однадвор, кој има било какво искуство со нашиот изворен мелос, кој не е инспириран од него. Јас како Македонец, природно е да го чувствувам тоа малку посилно, па затоа и тоа чувство произведе ваков материјал.

[ВБУ] Музичко ЦД со неколку сателити како вебсајт за проектот, профил на soundcloud.com со пола материјал достапен за преслушување, facebook, twitter и youtube профили. Несомнено сакаш кога си пред компјутер (сакаш да го користиш). Дали и колку користиш софтверски симулации наспроти хардверски уреди во процесот на создавање музика? Имаш ли омилена софтверска апликација во тој контекст?
[НС] Омилена немам, ги сакам сите. Во секое експериментирање, дали се работи за програмирање или свирење, едноставно уживам.

Останати музички соработници: Даниел Маневски (кавал),
Боби Серафимовски (гитара, пиано), Елена Христова и
Теа Богатинова (вокали)
[ВБУ] Обвивката (омотот) за медиумот што ја носи музичката содржина е на англиски јазик. Дали ова значи дека обраќањето со албумот примарно е кон светот, па потоа кон љубителите на електронската музика во Македонија? Дали албумот на ЦД медиум е дистрибуиран некаде надвор од Македонија?
[НС] Примарно е наменет на љубителите на музиката, без разлика од каде се. Со оглед на краткиот период од излегувањето на албумот, официјална продажба надвор од Македонија нема, но наскоро ќе биде достапен на сите поголеми онлајн(online) музички продавници за преземање(download), а има најави и интерес за продажба на ЦД изданието преку странски дистрибутери.

[ВБУ] Како ќе ја коментираш музиката од втората половина на деведесетите години од минатиот век и првите години од овој актуелниов, наспроти онаа последниве пет години?
[НС] Секоја деценија носи свој звук. Можеби сум пристрасен кон моите деведесетти години, но мислам дека масовната продукција и силата на парите влијаеше на пад на квалитетот. На нас останува да ја поправиме таа слика.

[ВБУ] Дали и како социјалниот и политички живот влијае на тебе и тоа што го правиш околу музиката?
[НС] Се трудам да не се оптоварувам со тоа, иако кај нас човек тешко може да се изолира од тие деструктивни влијанија. А неретко, тоа ми помага и да се затворам во студио и да го правам тоа што го сакам.

[ВБУ] Кои се првите тројца музички автори/бендови на кои ќе ти текне кога се прави муабет за добра музика и во какво расположение сакаш да ги слушаш?
[НС] Не е мал бројот на имиња кои имале влијание врз мојот музички вкус и израз. Се чувствувам незгодно кога морам да издвојам одреден мал број. Слушам различни музики во зависност од моментот и расположението. Од класична (classic), џез (jazz), фанк (funk), рок (pop), преку светска музика (world music), амбиентална (ambient), електроника до клупска музика за играње (club dance music). Во секој случај, прекрасна музика.

[ВБУ] Што има најголемо влијание над твојата желба за создавање музика? Како изгледа тој процес (создавање музика) кога си ти во прашање?
[НС] Имам едно мото што ме следи и го живеам. Музиката е основа на живеењето. Без неа, животот нема значење, нема радост, нема душа. Таа доаѓа од најискрените мисли и емоции. Музиката е славење на животот. Славете го животот!

[ВБУ] Кога би требало да му помогнеш на млад човек што ја сака музиката и што сака да создава електронска музика, што би му препорачал?
[НС] Да се препушти на искрените мисли и чувства и да продолжи да го слави животот. Тоа е сигурна опција за убав живот.

Некои од песните може да ги преслушате на www.soundcloud.com, а моја препорака е да си го купите примерок на ЦД за компетно доживување.
Дополнителни ресурси за BOIM и Fin project може да најдете на следниве линкови:

No comments: