Tuesday, March 26, 2013

Добро е, изостанаа погрдните навивања на национална основа


Стадионот се испразни, останаа уште белгиските навивачи кои беа замолени да почекаат 30-тина минути по завршување на натпреварот пред да го напуштат стадионот.
Резултатскиот епилог: два гола плус во корист на белгиската репрезентација, а јас бележам натпревар на кој изостанаа навредливите навивачки фрази на национална основа. Го напуштам теренот несреќен поради резултатот, но задоволен поради тоа што немав прилика да слушам навредливи навивачки пораки на национална основа. Очигледно е дека сите коментари и апели од различни страни (поединци, медиумифудбалери, ФФМ) стигнаа до воџите на навивачките групи кои овој пат во овој контекст имаа примарно поведение.

Исто така ми се допадна што немаше свиркање на химната од противникот, што било пракса, туку срамежливо се слушаше по некое ракоплескање по нејзиното интонирање. Тоа е добра порака што ја испраќаме на европската фудбалска јавност.

Нема да си дозволам да коментирам за тоа како помина нашата репрезентација. На таа тема би сакал да прочитам нешто од компетентни луѓе. Како обичен љубител на спортот и фудбалот би сакал да напишам дека бев задоволен од тоа што првото полувреме успеавме да играме доволно добро за да има интересен фудбал (барем според мојот критериум) и дека мојата репрезентација не изгледаше инфериорно во однос на противникот. Немавме добра реализација. Повеќе среќа следниот пат но веројатно и повеќе интензивни тренинзи за шут на гол со глава, нога и сите дозволени делови од телото.

Би сакал да споменам дека ми недостасуваше брошура како онаа што се делеше на натпреварот со Данска, за да можам да ги имам пред мене составите и дополнителните информации за секој од играчите.

Ниво 1 (Level 1) се чини го поминавме, се надевам дека нема да треба никогаш повеќе да се вратиме на него (она со навредливите скандирања на национална основа).

Сепак, следи ниво 2 (Level 2). Ако во минатото сценарио требаше да се надминат навредливите пораки кон нашите репрезентативци од албанска националност, овој пат ќе треба да ја надминеме потребата за навредливи извици кон UEFA. (Дел од навивачите скандираа: UEFA МАФИЈА!)

Од она што јас го знам, информирајќи се преку официјалните извори за информирање е дека UEFA и FIFA помогнаа да добиеме нешто што се нарекува Куќа на фудбалот. Официјалното отворање на овој комплекс се случи минатата недела. На отворањето присуствуваше и Мишел Платини (актуелен претседател на UEFA).
Не разбирам што значеше скандирањето UEFA МАФИЈА!? Ако ова се однесува на некаква идентификувана неправда врз нашиот тим случена на напреварот (можеби пеналот досуден за репрезентацијата на Белгија?) тогаш требаше да има скандирање поврзано со FIFA, затоа што FIFA беше организатор на натпреварот.
Можеби има нешто трето за кое јас незнам, а со кое UEFA нанела штета на македонскиот фудбал?
Се чини дека на навивачките групи им треба редовни сесии со некој кој ќе им помогне за да научат како да се однесуваат на стадион кога навиваат. Оваа втора итерација, или втор пример од една иста група сценарија што прават некаква логичка целина(прв пример: навреда сопствени репрезентативци на национална основа; втор пример: УЕФА МАФИЈА!), ме потсетува на следново:
Во образованието на млад човек му се неопходни повеќе практични примери за да научи за некаков принцип или да може некаков проблем да го идентификува преку апстракција што се однесува на повеќе такви, слични проблеми. Обично повозрасните имаат помал проблем (способни се) работите да ги дефинираат и толкуваат на апстрактно ниво. Па во оваа прилика за да не правиме трета, четврта и n-та итерација за една група проблеми/грешки/непријатни ситуации, би се обратил на повозрасните од навивачите:

Ајда да се обидеме да навиваме спортски и мотивирачки за нашите, наместо да плукаме, псуеме и кудиме било кој.

Доколку сакаш фотографии, мојата фото-галерија од натпреварот помеѓу Македонија и Белгија одигран во петокот (22.03.2013), може да ја погледнеш овде. (Фотографиите се направени со Nikon D40 и Nikon AF-S DX Nikkor 55-300mm f/4.5-5.6G ED VR)

За, од прилика, еден час од моментот на пишување на овој текст почнува реваншот помеѓу Белгија и Македонија. Еве една порака во врска со овој настан до нашите на најистурените позиции на „фронтот”: НАПРЕД НАШИ!!!

Over & Out,

P.S. Други текстови на тема: Нефкусни навивачки пораки:
P.P.S. Еве една фикција што ја создадовме пред некое време со мојот син.

No comments: