Friday, February 8, 2013

Да, Македонија - Данска 3:0 ама...


Во средата (06.02.2013) бев на фудбалскиот натпревар помеѓу Македонија и Данска. Нашите победија со 3:0. Неверојатен резултат, а лесно можеше оваа разлика да биде и поголема. Честитки екипа! Сите до еден да сте здрави и живи! (Кога пишувам сите, мислам и на резервните фудбалери, Јаневски, неговите најблиски соработници и административците што работат околу националниот тим) Пишувам: неверојатен резултат, затоа што ако ја погледнеме статистиката на Fifa ќе видиме дека Данска е на 28-мо, а нашата репрезентација на 80-то место. Резултатот не кореспондира со рангирањето на репрезентациите. И веројатно е точно тоа дека статистиката ќе ја подобриме во полза на нашиот национален тим, тоа го пишуваат и повеќето медиуми во обраќањето по повод победата над Данска. (Скок од три, а вкупно од 27 места во ерата на Чедомир Јаневски, Три места погоре со триумфот над Данска, Сега ќе имаме скок од три места, а вкупно 27 за четири месеци, Победата над Данска ќе ѝ донесе напредок од само две места на Македонија на ФИФА-листата) Претпоставувам дека тоа со рангирањето и статистиката е во ред (а се гледа и дека нешто позитивно се случува во националниот тим), веројатно сите љубители на фудбалот ги радува тоа, па и мене. Но покрај головите и победата што друго се случуваше на стадионот? Според мене на стадионот се случуваа исто така многу важни сцеарија покрај дадените голови и победата што сметам дека исто така треба да добијат посебно внимание од различни структури во и околу фудбалот кај нас.

Основен мотив, зошто го пишувам овој текст е тоа што овој пат навистина ми се згади од однесувањето на дел од навивачките групи, поради нивното однесување пеејќи навредливи песни за Албанците. (Ибраими: Ме болат навредите од трибините!, Фудбалерот Агим Ибраими ја отвори душата: Ме болат навредите од трибините!, Ибраими: Мe вознемируваат навредите од публиката)

Сите навивачи од сите четири трибини сме на фудбалски натпревар и да останеме на фудбалски натпревар и со размислувањето и со однесувањето. Во нашата репрезентација има и членови од албанска националност. Еден од нив е Агим Ибраими (Agim Ibraimi). Дечкото во првото полувреме доби топка на наша половина, помина пола дански тим, дојде на 20 метри од голот на Данците и им збрца гол на Данците за водство од 2:0 за Македонија. За време на оваа акција, дел од навивачите урлаа навредливи песни за националноста на овој млад играч роден и израснат во Македонија (Тетово) што игра за националниот дрес на Македонија од своето полнолетство и е од албанска националност.
Кога го даде голот, задоволно изрипавме голем дел од навивачите на сите трибини. Јас бев на северната трибина, а околу мене имаше навивачи и Албанци и Македонци што гласно го поздравија Ибраими. Коментарите на Македонците околу мене, барем оние што јас успеав да ги слушам, во моментите кога се пееа навредливите песни од дел од навивачките групи, беа во стилот дека не се согласуваа со таквиот однос. (Не би сакал да пишувам конкретни коментари. Некои од нив беа и навредливи за навивачите)
Сакам да верувам дека навивачките групи што ги пеат ваквите песни, немаат појма каква штета прават, штета за таа репрезентација што дошле да ја гледаат и бодрат, штета за македонскиот фудбал, а штета и за оваа наша држава чии револуционери некогаш ги носат на навивачките знамиња, а и ги спомнуваат во нивните навивачки песни, величејќи ги нивните имиња и дела, а притоа, веројатно незнаејќи дека тие борци за Македонија не ги вреѓале луѓето од друга националност што давале голови за нациоалниот дрес.
Преку овој мој текст би сакал да ги прашам навивачките групи што ги пеат ваквите навредливи песни неколку прашања:

  • Дали сте свесни како се чуствува Агим Ибраими или Хасани кога слуша како му се обраќате преку навивачките песни додека тој е доле на теренот, облечен во македонскиот дрес и игра за македонскиот национален тим? Како се чуствува Артим Шакири или како се чуствувал тој кога бил на теренот како играч, а и сега како фудбалски работник? (Тој човек за македонскиот национален тим, му даде гол на Симан од корнер во сред Англија. Зарем овој човек заслужил да биде навредуван на национална основа? Да сум јас претседател на оваа државичка, јас би го викнал на свечен ручек и би му дал орден за исклучителни спортски заслуги за оваа држава и доживотна пензија)
  • Дали сте свесни каков проблем му правите на селекторот во контекст на правење синергија во тимот, што е основа за било каков успех и добар резултат?
  • Дали сте свесни каков проблем правите на Фудбалската Федерација на Македонија?
  • Дали сте свесни и во каква непријатна ситуација не ставате и сите нас што го сакаме фудбалот и сакаме истиот тој да го гледаме и заедно да навиваме и со сограѓаните од албанска националност за националниот тим на Македонија?
  • Дали сте свесни и за другите димензии во кои правите штета? (димензии за кои пишав уште на почетокот од овој текст дека нема да коментирам и ќе се задржам само на спортот)
  • Дали сте свесни со коректен однос колку многу добро може да направите за македонскиот фудбал?
Верувам дека тие, претежно млади навивачи, полни со енергија воопшто незнаат што прават, па затоа сметам дека ова може и мора да се коригира на следниов начин:
  • Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) да влијае над навивачките групи. Убеден сум дека тие ќе знаат како треба ова да го направат;
  • Управите на фудбалските клубови (без исклучок, дали е тоа Шкендија или Вардар) да влијаат над навивачките групи во овој контекст;
  • Фудбалерите, Албанци и Македонци, да влијаат над навивачките групи со тоа што ќе им посочат што не е во ред во играњето на нивната навивачка улога, а не едноставно да користат шаблони од фрази дека публиката е супер и дека е нивниот дванаесети играч.

Би го замолил секој оној, што успеа да истрае во читањето на овој мој текст и што се согласува со мојот став, да го сподели овој текст за да стигне до очите и ушите на сите релевантни фактори што може да придонесат директно за надминување на ова сценарио, да стигне до наши сограѓани, пред се Албанци и Македонци љубители на фудбалот за ова повторувачко и не мило сценарио да почне да го снемува од фудбалските терени.

Јас веќе испратив порака до електронската адреса на ФФМ (ffm@ffm.com.mk) за која знам дека ја проверуваат повеќе луѓе и среќни се кога ќе имаат прилика да прочитаат коментар од луѓето што го сакаат фудбалот. Впрочем, тоа го докажаа и на натпреварот за кој пишувам во овој текст, преку делењето анкетни листови со прашања за тоа како ние, обичните смртници и љубители на фудбалот мислиме дека теба да се постапи за одредени работи, во функција на подобрување на македонскиот фудбал. Пишете им, нема да биде залудно.

Во оваа прилика би сакал да го охрабрам и Агим Ибраими (на одење во соблекувалната откако беше заслужно повлечен од игра за да одмори, го даде својот дрес на еден од навивачите што седеше близу до мене. Се чини дека овој навивач е редовен посетител на фудбалските терени и омилен и меѓу навивачите и фудбалерите) и останатите Албанци во националниот тим и да им пренесам порака дека има многу повеќе Македонци што исто така не ги сакаат навредувачките песни пеени од некои навивачи и дека им е драго што даваат придонес за македонскиот национален тим.
За крај на овој текст би сакал да ви препорачам еден музички албум, еден филм и уште неколку фотографии од натпреварот со Данска.

Ако не сте го слушале новиот албум на Пука Козметика, се вика Македонија, може да го превземете овде. (Моја препорака за инстант преслушување е песната Докторе)

Доколку не сте го гледале Invictius, побарајте го, мене ми се допадна.

Следат и фотографиите...
e-mail адреса е заштитена од spam bots, треба да ви е вклучен avaScript за да ја
Среќниот што го фати дресот на Ибраими

Среќно позира со дресот на Ибраими

Можност за резервните играчи

Публиката ги пречекува фудбалерите за да ги отпоздрави пред заминување во соблекувалните

Брошура за натпреварот. Многу пристојно направено и покрај ситните грешки што ќе си ги воочат оние што ја подготвувале. Мене ми едостасуваа бројките а играчите покрај имињата на репрезентативците. Верувам дека за следниот натпревар ќе биде уште подобра.

Еве што вели Адис Јаховиќ (фудблер што игра за македонскиот национален тим) на слична тема.

Авторот на фотографиите во овој текст сум јас, Васил Буралиев и нивно користење, дистрибуција и редистрибуција во функција на промовирање на коректно навивање е дозволена. Фотографиите се направени со HTC Radar.

Over & Out,

Ove

No comments: