Thursday, January 24, 2013

Грижа за корисници од ЈП Водовод и канализација и ЈП Комунална хигиена

Кога ќе се спомне ЈП (Јавно Претпријатие) веднаш повеќето од нас се расположени да се потсетат на некакво негативно сценарио или лошо искуство што го доживеале или слушнале од пријателите при користење на услугите што конкретно претпријатие ги нуди/дава.
Јас во овој текст пишувам за едно мое добро искуство во комуникацијата со ЈП Водовод и канализација и ЈП Комунална хигиена.
Но пред да го споделам со вас моето искуство, сакам да напишам:

  • ЈП Водовод и канализација и ЈП Комунална хигиена имаат одлична грижа за корисници што функционира преку електронска комуникација
  • Доколку сте во можност користете ја комуникацијата со електронски пораки за да си го олесните завршувањето работа со овие јавни претпријатија.

СЦЕНАРИО 1 - Уплаќам повеќе средства по грешка

  1. Користев решение за е-банкарство за да платам сметки за вода и смет;
  2. Во сумата наместо стотки, по грешка, ставив илјадарки; B-)
  3. Трансакцијата ја реализирав успешно;
  4. По неколку дена правам проверка на реализираните трансакции и гледам дека за споменатите сметки од чекор еден (1), сум уплатил неколку илјади денари повеќе (сум направил уплата на повеќе средства);
По реализираното сценарио, решавам да испратам електронска порака со надеж дека некој ќе ми одговори и во подобар случај ќе ми каже од каде да почнам за да може вишокот на средства што по грешка сум ги уплатил, да ми бидат вратени (потсвесно очекувам да ме упатат во дирекција на некој од шалтерите/собите). Почнувам да се колнам самиот себеси за грешката и помислата дека ќе треба да акам по шалтери за да си ја коригирам грешката, а тоа се потешко и потешко ми паѓа.

СЦЕНАРИО 2 - Комуникација со ЈП Водовод и канализација

  1. Креирам иницијална електронска порака на 13.Декември.2012 и ја праќам до kontakt@vodovod-skopje.com.mk во 13:37h со содржина што ја објаснува ситуацијата и барам помош за следни чекори. Покрај описот на проблемот прашувам и дали може да го сменат субјектот на кој се водат сметките т.е. на мое име и што треба да направам. (Сметките ми беа на име на градежната фирма што ги изведувала становите)
  2. Добивам одговор на мојата порака од Раководителтот на Службата за наплата од стопанство и домаќинст во 14:15h истиот ден; (околу 35 мин. време на одговор)
  3. Добивам благ, но мошне пријатен шок, најпрвин затоа што добив одговор (ова не било случај во други сценарија и со други институции/организации), а потоа и од брзината на одговор и содржината на пораката;
  4. Содржината на пораката вели дека за кратко време ќе добијам одговор од сектроот за ИТ во врска со уплатата на повеќе средства за сметка, а за моето второ барање дека ќе биде доволно да испратам купопродажен договор и шифрата на корисникот (ја има на секоја сметка);
  5. Во 15:22h истиот ден (само 10 мин. по првиот одговор), добивам одговор од раководителот на одделение за оператива - Сектор за информатичка технологија со содржина дека доволно ќе биде да испратам барање со соодветна содржина за приликата во дигитален формат и да го потпишам документот со дигитален потпис за барањето да биде релевантно;
  6. Шок, но со широка насмевка на лицето (да не ми беа ушите, отиде главата на пола);
  7. Креирам нов docx документ со соодветна содржина (барам да ми се вратат толку и толку средства уплатени тогаш и тогаш). Го потпишувам документот со мојот дигитален сертификат од КИБС и го праќам до контакт лицето од јавното претријатие на 18.Декември.2012;
  8. Следниот ден (19.Декември.2012), добивам одговор дека барањето е во ред и дека средствата ќе ми бидат вратени во најкус можен рок;
  9. На 21.Декември.2012 мене парите ми беа вратени на сметка;

СЦЕНАРИО 3 - Комуникација со ЈП Комунална хигиена

Потполно истото сценарио како она од сценарио 2. По моето барање испратено преку електронска порака, парите ми беа на сметка после два (2) дена.

СЦЕНАРИО 4 - Менување субјект, носител на потрошувачкото место за вода

  1. На 18.Декември.2012 го испратив купопродажниот договор за станот преку електронска порака (претходно дигитализиран (сканиран))
  2. На 19.Декември.2012 утрината добив одговор дека работата е веќе завршена.
  3. Кога стигна следната сметка за вода и смет, веќе го имаше моето име и презиме на неа.

ЗАКЛУЧОЦИ

  • Многу позитивно искуство што ми ги намали трчаниците низ градот (губењето време);
  • Неверојатно ажурна и пријатна комуникација со најдолго време на одговор од еден ден, а најбрз за само неколку минути;
  • Употреба на електронскиот начин на комуникација и формална коресподенција преку дигитални документи што ја зголемува ефикасноста при релизација на работата и намали некои ситни трошоци;

БРАВО ЗА ГРИЖАТА ЗА КОРИСНИЦИ

И во оваа прилика, уште еднаш, би сакал да им се заблагодарам на тимовите за оперативна поддршка на споменатите две јавни претпријатија и се надевам дека овој мој запис ќе придонесе во афирмирање на одличната грижа за корисниците и очекувам тоа да придонесе во дополнително мотивирање на тимовите во овие јавни претпријатија, а воедно се надевам и би сакал да мотивира и тимови од државни институции и нејзини организациони единици, за подобрување на нивните услуги и овозможување за нивно користење преку електронски пат. (услуги на ЈП Водовод и канализација)

Ве молам споделете го ова мое добро искуство со оние со кои комуницирате. И покрај тоа што можеби се подразбира дека некој треба добро да си ја врши работата за која што е платен, вреди да биде пофален за исклучително добро завршената работа. Верувам дека тоа ги мотивира дополнително.
Верувам и дека ширењето на ова добро искуство од ЈП 1 и 2, доколку допре до вистинските уши, ќе мотивира и тимови од ЈП {3..N} каде N е множество од природни броеви. В-) 

Over & Out,

No comments: