Thursday, September 6, 2012

Скопската зоолошка градина (Skopje Zoo)

Можам да се кладам дека ако треба Скопјани, а и не само Скопјани, да се сложат дека нешто е добро завршено, тогаш тоа ќе биде за реновираната зоолошка градина во главниот град.


Во изминатава година сум бил трипати со неколку месеци паузи помеѓу посетите. Последен пат бев минатата недела (последната недела од Август 2012). Развојот или нејзината трансформација е евидентна од месец во месец.
Слеп да си, ќе забележиш дека многу труд и љубов е вложено за да се реализира се она што е направено таму. Поминав одлични час и половина со мојата фамилија минатиот викенд. Добив желба да напишам неколку реченици и да споделам дел од моите фотографии за иницијативата и евидентно добро завршената работа во ова собиралиште на деца, со идеја да остане трага и запис на мојот блог за оваа одлична иницијатива и реализација што доколку одите во скопската зоолошка, ќе видите дека сеуште трае. Имам чувство дека многу повеќе ги забележуваме лошите работи што ни се случуваат, за кои многу повеќе сме расположени да коментираме и секој од нас да нуди некакви решенија за проблемите, а оние убавите се игнорираат со премолчано образложение дека тоа некому му е работа и се очекува да ја направи добро и дека за тоа зема плата и нема потреба од посебно забележување и пофалби. Спротивно на тоа, јас овој текст го пишувам како поддршка или во знак на благодарност од еден обичен граѓанин до сите оние што учествувале, учествуваат и ќе учествуваат во трансформација на зоолошкат градина во место во кое ќе уживаат сите деца што ќе ја посетат и ќе им се восхитуваат на животинските видови згрижени во неа.

Нема повеќе купување храна за хранење на животните

На влезот во зоолошка, од десната страна добро познатата куќарка во која се продаваат грицки, балони и разни ситници што обично ги привлекуваат децата. Во оваа куќарка до неодамна се продаваа ќесички со зеленчук за хранење на животните. Тоа се косеше со оние пораки до посетителите испишани на табли, да не се хранат животните. Еден мој пријател забележа во една прилика: „Добро, зошто се продава овде храна, а хранењето на животните е забрането?”. Нема логика. Конечно, на киоскот не му се дозволува продажба на храна за хранење на животните. Хранењето на животните треба да биде контролирано за тие да бидат здрави и претпоставувам во добра кондиција. Останува секој посетител да го знае тоа и да не носи со себе храна што ќе им ја фрла на животните со желба да ги нахрани. Од неофицијални извори дознавам дека скопската зоолошка има нова услуга за оние што сакаат да учествуваат во хранење на животните. Секој што ќе посака да учествува во хранење на животните, ќе треба да плати дополнително, а врботени од зоолошката да му овозможат хранење и воедно контрола над тоа како со што и кога се прави хранењето.

Пријатни локации за починка и уживање

Кога ќе ја прошетате цела зоолошка градина, од нејзиниот почеток до крајот на одредени дистанци ќе наидете на локации со пријатни сенки под кои може да седнете и да се освежите со некој пијалак.

Некои од локациите се места на кои ќе може да порачате нешто за пиење, некои од нив се клупи лоцирани под сенка со поглед на некои од отворените живеалишта на животните (како на пример оние кај нилските коњи), а некои се само куќарки со клупи во кои може да заседнете можеби и на малку подолго. Онаа куќарката што е пред живеалиштето на лавовите има и апарати за пијалоци што ќе ви овозможи за ситни пари да се напиете вода, кафе или Цедевита, додека го набљудувате лавот како се оптегнал под некоја сенка и дреме.

Јас веќе имам омилено од овие места. Тоа е онаа локација во зоолошката градина што се наоѓа во дебели сенки покрај езерцето во која уживаат патките и мајмуните чие живеалиште е лоцирано во центарот на езерцето. Прекрасен дел што ме потсетува на некое од оние излетнички места што ги имаме настрана од главниот град во кои јас често сакам да одам за викенд. Седиш во дебела сенка покрај вода на топол ден, во мирна и пријатна атмосфера и се налеваш со ладно пиење, а претходно не си патувал надвор од градот.

Центар за едукација

Пред центарот за едукација, на последната посета начекавме еден дечко што на рамо имаше еден прекрасен бел папагал. Стоеше за децата да го галат папагалот и одговараше на прашањата поставени од љубопитните посетители во врска со птицата. Папагалов пак, како да поминал курс за манекени, позира и се мести да го чешкаат.

Воз за мрзливите посетители

Ако ве мрзи да одите пешки можете да се качите на вовчето што кружи низ зоолошката. Пред некое време во зоолошката имаше едно црвено вовче. Кога бев минатата недела видов едно ново, бело вовче полно со посетители. Се чини дека црвениот барон, го пензионирале. Новото е поубаво. Се разминувавме со него неколку пати додека крстаревме околу живеалиштата на животните.

Прекрасни животни во нови живеалишта

Има многу нови и реновирани живеалишта за животните, барем од мојата пред последна посета.

Мапа на зоолошката градина

За преглед на живеалиштата на животните и планираните зафати и изведби, можете да најдете мапа на вебсајтот за зоолошката градина. (Порака до релевантните преставници на Skopje Zoo: Не го селете комплетно својот интернет маркетинг само на Facebook. Немојте да го заборавите ажурирањето на вебсајтот)


Ако не се лажам, барем според мапава и планирани локации, зоолошката треба да добие и аквариум. Јас неуспеав да го видам на локацијава каде што е нацртан. Веројатно е во план да се направи.

Посетете ја скопската зоолошка градина

Доколку сеуште не сте отишле во скопската зоолошка градина по сериозните зафати за нејзино реновирање, планирајте го тоа и посетете ја. Не останувајте на информациите добиени од оние што веќе биле и нивните коментари дека е супер и дека е комплетно нова и збогатена со жив свет и реновирани живеалишта.
Планирајте да испиете едно кафе со пријателот со кој договарате гледање следната недела, токму во зоолошката градина или носете го синот / ќерката на една тура со воз покрај живеалиштата на дивите ѕверки и ако детето ви е блиску над три години, немојте да лажете дека има две и пол за да не платите карта. Картата е само 50 денари. Секоја платена карта меѓудругото толкувајте го и како чин на поддршка и благодарност за она што успеаа да го направат сите оние луѓе ангажирани околу реновирањето и уредувањето на зоолошката. На тој начин ќе покажете дека тоа што го направиле го вреднувате и дека сакате да постои убава зоолошка во главниот град и генерално во нашата државичка. Верувам дека со тоа ќе се испрати порака и до останати клучни и влијателни луѓе што работат и носат одлуки во други сегменти како на пример во забавниот парк (Луна парк). Верувам дека тоа ќе влијае мотивирачки на оние што навистина сакаат нешто да „изградат”. На овој начин вклучете се во индиректното давање порака за тоа какви вредности преферирате и почитувате.

Over & Out

П.С. Фотографиите се од авторот на текстот, а се направени со Nikon D40 (Nikon AF-S DX Nikkor 55-300mm f/4.5-5.6G ED VR ).
Целата галерија фотографии може да ја видите овде.

3 comments:

Бранко said...

За викендов бев со внукот. Забележавме дека веќе го нема белиот був. Често го посетувавме дека личи како од Хари Потер, а Горан многу го сакаше. Дали знаете што се случи со ова животно?

Anonymous said...

Jas bev na 3ti septemvri i go vidov beliot buv kako od Hari Poter,vo delot na pticite, sproti zebrata vo tie kafezi :)

Васил Буралиев (Vasil Buraliev) said...

Поздрав Бранко,
Имаше два бели бувови кога бев јас и се наоѓаат, како што вели коментарот од анонимен посетител, спроти зебрата. Јс ги видов и ги сликав. Еве една фотографија од нив... http://outdoors.webshots.com/photo/2255397770079357572dvGJoe

Поздрав,