Tuesday, April 24, 2012

Hurling, Afrika Bambaataa и Гоце Делчев

Барајќи низ архивата на Facebook еден мој коментар, наидов на еден текст што сум го пишал пред некоја година и решив да го ревидирам и да го пренесам овде. Па иде вака...


Денеска се потсетив на неколку малку постари музички реализации, што многу ми се допаѓале и сеуште ми се допаѓаат. Денеска се проверив, ваистина ми се допаѓаат. Онаa за која се решив да коментирам е Afrika Shox од Leftfield (трака од албумот Rhythm and Stealth). На траката како MC е гостин Африка Бамбата (Afrika Bambaataa), едно типче што има некое свое место во историјата на HIP HOP музиката и суб-културата.
Денеска се потсетив на чоекот низ еден муабет што го имав на работа со едни драги луѓе, всушност Мартин ме потсети на Бамбата на интересен начин преку една дискусија за Харлингот (Hurling). Тоа е спорт кој е карактеристичен за Ирците и Шкотите (Претежно Ирците) и според кажувањата, тој спорт е појавен и сеуште опстојува исклучиво во Ирска. Ирците го сметаат за свој национален спорт и веројатно со право. Тоа е некаква комбинација од Хокеј на трева, и се игра со многу пократок стап отколку било кој друг стап користен во дериватите на хокејот на кој може да се сетите, во кој има примеси на рагби и според кажувањата на Мартин дозволено е удирање со стапот. Во дискусија со еден мој пријател од островот, се чини дека Мартин со неговите коментари небеше далеку од вистината за овој спорт. Звучи спорт како за црвсти момци, а истото ми го потврди и Даниел, Ирецот со кој имав прилика еден период да работам заедно. Пријателов исто така спомна дека, оваа спортска дисциплина била на некој начин промовирана како начин за трљање на роговите / пресметка помеѓу племињата од островото пред многу години. Наместо да се тепаат меѓу себе, некој предложил да играат Харлинг и на тој начин да си ги одмерат силите. И додека натпреварувачите фино се млателе на терен, публиката културно го следела натпреварот и веројатно навивале.
Токму овој момент и ме потсети на Бамбата. Некаде имам читамо (мислам дека тоа беше една книга за Брек денс (Break Dance) суб-културата што ми ја позајми една пријателка, Фани) дека Бамбата истото го правел на времето во америчките гета (Bronx) во кои бандите меѓусебно се кршеле од ќутек (не дека денеска не го прават тоа, но имало некој период во историјата што некако тоа било многу повеќе впечатливо и го одбележало тој период како таков). Бамбата ги собирал бандите и во стилот на евангелист ја ширел идејата за меѓусебно натпреварување (натпревар помеѓу бандите) во брек денс (break dance) или електронско буги (ова се два различни правца или стила во танцување иако изгледаат исто кога гледаш некој како ги практикува, меѓутоа има многу клучни разлики, друг пат можеби за тоа). На тој начин ги учел бандите во Америка на нешто за што наш Гоце Делчев имал перцепција и го коментирал многу пред Бамбата, а тоа е дека луѓето треба да го гледаат светот како поле за културен натпревар.
Така, се потсетив на Бамбата, а прва музичка асоцијација ми е Afrika Shox од Leftfield на која тој гостува, па решив да ве потсетам и вас на нејзе, односно да ви ја посочам доколку не сте ја чуле (помалку веројатно).
Покрај тоа што од Leftfield не постои музичка реализација од која не сум се воодушевил, па така и од оваа трака, во овој случај покрај глазбата особено ми остава впечаток една реченица(не е баш некој стих) од лириката, а тоа е: Do you need a hand? (Дали ти треба помош?). За да може да ме разберете за ова последново веројатно ќе треба да го погледнете спотот (да се потсетите на спотот) кој исто така, според мојот вкус е одличен. 



Во основа со Leftfield нема зафрканција, на крајот на денот издаваат за SONY. Кажуваш SONY и понатаму нема потреба од никаква елаборација. Тоа ти е како да идам јас со жената да барам поголем кредит од банка и службеничката ме прашува кај работам, што работам, каков е бонитетот на фирмата, па какви се моите примања и јас елаборирам поприлично сигурен, самоуверен и горд. Во следниот момент службеничката ја прашува сопругата: - А Вие?, а мојата сопруга вели: - МЕПСО. Службеничката ми се врти и ми вели: - Господине, мислам дека е подобро вашата сопруга да биде носител на кредитот. Тоа е тоа, SONY и нема потреба ни од бонитет, ниту скапо одело со кравата и италијанска фризура. Едноставно... SONY!

No comments: