Thursday, March 22, 2012

Стојан, Трпе, Ставре и Мирче на ТВ

Поради здравствени причини деновиве сум дома и неможам да правам ништо, само гледам ТВ. Вака не сум гледал телевизија, не помнам од кога (веројатно тоа беше во времето кога освен МТВ1 и МТВ2 на третиот телевизиски канал во доцните часови пуштаа Sky или Super за да гледаме борби со кечери - што беше воодушевување, барем за мене)

Се изнагледав емисии од сабајле од раноденови, добри утра до државата, преку емисии со поставени теми и можност за гледачите да „плукаат” по различни субјекти за различни актуелни случувања. Додуша, имаше и по некое фалење главно до водителките кои стварно изгледаат прекрасно. И еве, при крај на денов со напунета глава со секакви работи, си мислам, ова емисииве што им дозволуваат на граѓаните да се олеснат со зборување и посочување на разни неправди, некои од нив според мојот критериум со право, а некои не, не идат во прилог на создавање критична маса граѓани што ќе успеат да се организираат на толку многу нелогичности и пропусти што се изустуваат од граѓаните,а и реално се случуват. Најчесто клеветите се адресирни до државната администрација, министерстата, агенциите, локалната самоуправа. ВАСИЛЕ, си велам, ништо од револуцијата во оваа држава што можеби ќе донесе некаков бран промени и нови луѓе што навистина ќе промовираат почит на сопствените сограѓани. Ова еволуцијава некако иде споро, но и се чини дека во тој процес влијанијата и од внатре и од разни надворешни фактори се преголеми за да изградиме општество и држава таква, барем каква што и мене ме учеле, за која многу наши предци се бореле. Сега ја имаме државата, Но... Друг ми беше муабетот...

Си мислев доколку сите такви контактни емисии ги снема, луѓето нема да може да добиваат редовна психо терапија и да се празнат, туку ќе зоврие во нив и ќе излезат на улици, ама не на најавен протест. Ќе се создаде квалитетно движење што ќе ја покаже сериозноста што некои со поголема општествена одговорност ќе ја разберат, а некои од нив и ќе ја осетат.
Сепак, заклучокот е дека луѓето напаѓаат и вреѓаат и посочуваат и тогаш кога нема логика. Еве на пример, денеска се јавува некој чичко и се жали како државата му земала 18 денари бидејќи имал викендица во Маврово, а никој не одел таму, а воедно плаќа на некоја телевизја за телефонот барем двапати повеќе за да го каже ова што ви го пишувам, а верувам дека истиот тој пцуе и кога треба да плати за радиодифузна такса. Притоа, само вербално и што е лошо, јавно го прави тоа, а после си чмае и ништо не прави во врска со неговото незадоволство што ќе придонесе за она што мисли дека е некоректно, неправилно и за која работа тој верува дека оштетен. Или можеби не верува ни самиот тој, па доволно му е само да си каже нешто на ТВ. (BTW ако не сте пуштиле МТВ одамна, пуштете. Има приватни телевизии што се далеку полоши, а претпоставувам дека сме навикнати да ги гледаме. Ако не друго, барем да видите дека има млади луѓе што почнуваат со некои фини активности и имаат некои успеси што денеска на една утринска програма беа промовирани)

Во меѓувреме на моите сограѓани би сакал да им посакам да бидат добри кон себе и да вложуваат во себе во она што ги интересира професионално и како хоби. Да си ја сакаат и почитуваат фамилијата но и сограѓаните.(Како јас ја разбирам почитта. Еве еден тривијален пример: Доколку сте пред ординација на матичниот лекар и пред вас има неколку пациенти, да не влезете преку ред само затоа што докторот ви е пријател и го познавате. Во овој пример го ставате и вашиот пријател доктор во незгодна позиција, а не ги почитувате и вашите сограѓани)
Кога зборувате, или пеете некакви навредливи, заканувачки навивачки песни или нешто работите, особено јавно, да размислите барем двапати што сакате да направите и постигнете со тоа, оти откако нешто отиде во јавноста и го видат тоа други луѓе, нема враќање назад. Несомнено тоа влијае на секој.
За крај би сакал да ве прашам на што ве асоцираат автентичните македонски имиња Стојан, Трпе, Ставре, Мирче, односно какво е нивното значење?

Јас не сум сретнал некое од овие имиња скоро на некое крштевање ниту пак сум разбрал дека некое ново дете носи вакво име. Актуелните имиња на децата кај нас имаат други значења. Искрено се надевам дека тоа ќе кореспондира и со нивните однесувања и активности многу брзо, заедно со сите нас што чекавме по неколку саати пред професорските кабинети да добиеме потпис во индексот.

No comments: