Friday, March 16, 2012

Мерцедес концепт од Охридска Пастрмка

Јас :: При рутинска проверка на најновите постови на Facebook од моите пријатели, забележав линк што водеше до профил на извесен Апостол Тноковски и краток текст со графички илустрации од негов дизајн на автомобил што тој го именувал како MERCEDES SLK APHELIOS.  Мене лично автомобилите не ме се голем интерес и немам некое големо познавање за нив, но мислам дека можам да препознавам убави работи и можам да кажам дека дизајнот на MERCEDES SLK APHELIOS ми се допаѓа и е убав, барем според моите критериуми. Она што мене многу повеќе ме заинтересира е инспирацијата што Тноковски си ја наметнал самиот себеси што подразбира исползување извор за инспирација од македонското поднебје. Зошто е тоа така?


Апостол :: Формулата за да дојдеш до оригинално решение(ова особено се однесува на дизајнери кои доаѓаат од мала земја) е како елемент за инспирација да искористиш нешто што е вистинска реткост во светот, а го има во твојата земја.
Она што  е карактеристично за мене како дизајнер е тоа што голем број од моите концепти имаат органска/флуидна форма инспирирана од водниот свет.
При креирањето на овој концепт сакав да внесам свој личен печат со користење на органски (флуидни) форми, но во исто време како предмет на инспирација сакав да искористам нешто што е карактеристично за Македонија. По мало истражување одлучив како предмет на инспирација да ја земам нашата позната Охридската пастрмка.

 
Јас :: Дали и ако да, како те инспирира сценариото од минатата година во кое нашата кошаркарска репрезентација направи неочекуван и голем успех за наши прилики во екипни спортови?

Апостол :: Секако дека успехот на ракометарите и кошаркарите ме инспирираше во голема мера. Сепак, ние сме многу мала земја и ретко се случува да бидеме сведоци на волку големи успеси. Ова треба да биде мотив повеќе за секого да верува во себе и да го вложи максимумот во она што го работи.

Јас :: Од она што пробав да го научам за тебе е дека те интересира дизајн на продукти или како што велиш ти, решение за конкретен проблем што успеваш да го препознаеш па се обидуваш да дадеш решение преку дизајнирање производ. Јас овде препознавам повеќе од графички дизајнер. Видов дека имаш неколку предлог дизајнерски решенија за автомобили, покрај оној за MERCEDES SLKAPHELIOS. Дали автомобилите навистина те интересираат или тоа беше израз на креативен нагон како твоја реакција на огласи/натпревари од познати компании за нов дизајн на автомобил? Покрај индустрискиот дизајн има ли нешто друго што те интересира? Немора да е врзано за создавањето дизајнерски решенија.

Апостол :: До сега имам дизајнирано повеќе автомобили, меѓутоа не би го ставил главниот акцент на мојата работа на автомобилите. Не велам дека во иднина нема да дизајнирам автомобили, но мислам дека би ми било многу здодевно кога би се фокусирал ексклузивно на дизајн на автомобили.
Покрај дизајнот многу сакам да сликам. Ако ги погледнете моите концепи на производи, ќе забележите дека се многу минималистички решени  без употреба на многу боја. Сликањето е она што ми помага да се ослободам од целата боја што ја имам во себе.
Јас :: Во желбата да дознаам повеќе за тебе, по провокацијата со дизајнот на автомобилот MERCEDES SLKAPHELIOS, ги разгледав и другите дизајнерски решенија до кои можев да дојдам користејќи го Интернет. Покрај тоа што многу ми се допаднаа повеќето од нив и ми изгледаат многу подобри од некои производи што сум ги видел јас, а се извикани и познати, а некои од нив и многу скапи за тоа што го нудат, можам да забележам дека одлично користиш некои од софтверските алатки за 3D моделирање и уредување на битмапи (bitmaps).Која е твојата приказна за совладување на алатките што ги користиш за да можеш да бидеш комотен во реализацијата на твоите идеи и креативниот нагон? Што би посоветувал некој помлад човек што го интересираат истите работи како и тебе во контекст на индустрискиот дизајн и дизајнот на производи?

Апостол :: Морам да признаам дека не беше едноставен патот додека се пронајдам себе си како индустриски дизајнер. Најпрво, како дете кај мене се појави талент за цртање, потоа во училиште се сретнав со сликање, подоцна ми купија компјутер па почнав да учам Photoshop и Corel и мислев дека ќе градам кариера како графички дизајнер. Потоа на интернет случајно налетав на некои конкурси за индустриски дизајн, почнав да правам концепти за овие натпревари и сфатив дека тоа е вистинската професија во која се чувствувам најкомотно и во која сум навистина добар. Откако сфатив дека тоа е ТОА што сакам да го работам започнав со изучување на софтверски алатки од типот на Maya, 3ds Max, Z-Brush и тн. На почетокот правев многу лоши модели, но бев упорен и моделите почнуваа да стануваат подобри и подобри. Потоа се запишав на факултет каде добив солидно образование од областа на дизајнот и каде го развив чувството за естетика до перфекција.

Јас :: Каква беше ситуацијата кога тргна да бараш работа? Како изгледаше тоа? Имаше ли проблем да ја најдеш? Што во тој период имаше да понудиш од твоите карактеристики и квалитети на професионалните потреби на деловниот свет што се занимава со доменот што го третираш и ти? Каде работиш сега и што се подразбира твојата работна позиција?

Апостол :: Состојбата со индустрискиот дизајн како професија во нашава земја е многу лоша. Имаме слабо развиена фина индустрија, а не постојат ни студија кои работат со индустриски дизајн. Се што работам од областа на индусрискиот дизајн е за натпревари и за градење на моето портфолио. Постојано аплицирам за работа по студија во странство и обично ја поминувам првата фаза на селекција, но кога ќе чујат дека ми треба работна виза веднаш се повлекуваат.
Поради ваквата ситуација практично сум приморан да работам како CG артист во продукциска куќа.

Јас :: Како изгледа процесот на креирање на едно решение за продукт? Дали ти е потребна редовна доза прегледување на убави нешта (слики, фотографии, убави луѓе, убава архитектура, убави производи) за да можеш да добиеш импулс за квалитетна и убава креација?

Апостол :: Морам да признам дека имам голема среќа што кај мене идеите се раѓаат многу спонтано, прочистено и наеднаш. Мала искра – момент на инспирација од секојдневието и идејата е тука... потоа само ми преостанува да ја следам фреквенцијата на идејата и да го создадам концептот. Но, секако постојат убави нешта  кои индиректно влијаат на мојата работа како: сликите на Jean-Michel Basquiat, музиката на The Beatles, филмовите на Stanley Kubrick, колачињата на мајка ми :)....
Од друга страна, се трудам воопшто да не посетувам интернет страни каде има дизајн концепти... Ова е затоа што сметам дека потсвесно може да ми влијаат на она што го работам и да го изгубам личниот печат. Жал ми е што голем број од дизајнерите се инспирираат гледајќи туѓи концепти и креираат еднолични производи.

Јас :: Дали музиката ти помага во процесот на создавање добро решение? Дали можеш да ми посочиш неколку музички групи што ти се допаѓаат? Јас обично несакам да ја делам музиката на странска и домашна. Сакам некои други форми на класификација, но ајде... можеш ли да ми посочиш и некоја музичка група од Македонија чии песни со задоволство ги пушташ одново и за кои мислиш дека влијаат на твојата креативност?Дали слушаш музика додека работиш?

Апостол :: Искрено да кажам, кога создавам некој концепт работам во апсолутна тишина со вклучен телевизор без тон. Промената на кадрите на телевизорот и различната светлина која ја продуцираат ја креираат за мене совршената атмосфера за работа.
Далеку од тоа дека не слушам музика, само што ми пречи додека работам.
За жал, македонска музика слушам само по некоја случајност, кога ќе влезам во продавница или во такси. Како што кажав погоре апсолутно ги обожавам The Beatles, но Jazz e музичкиот жанр на кој сум најмногу „навлечен”. Од Jazz артистите кои најмногу сакам да ги слушам, би ги издвоил  Miles Davis, Duke Ellington, Manu Katche и Norah Jones.

Јас :: Каква е заедницата од твојот калибар во нашава држава? Имаш ли познаници и пријатели со кои може да направиш муабет на твоите омилени теми, па можеби да се организирате и нешто заедно да работите?

Апостол :: Секако дека имам многу пријатели со кои можам да си направам муабет за теми поврзани со уметност и дизајн, но овие луѓе претежно се занимаваат со некои сродни професии, како графички дизајн, архитектура, дизајн на ентериери, филм, фотографија и тн. Ретки се луѓето кои се занимаваат со индустриски дизајн.

Јас :: Според толкувањето на името што го носиш ти би требало да бидеш некој што ќе биде испратен некаде за да пренесе и проследи некаква порака. Каква порака би сакал да пренесеш на сите оние млади луѓе што ги интересираат работите со кои ти професионално се занимаваш?

Апостол :: Искрено, ако имам некаква порака да пренесам, би рекол дека таа порака е повеќе визуелно-идеолошка, отколку вербална.  За да може да ве допре мојата порака можеби е најдобро да ги погледнете моите концепти.
http://www.behance.net/tnokovski 
Еве ја листата на натпревари каде што учествувал Апостол Тноковски
  • Electrolux - лабараторија за дизајн 2006
  • Интернационален натпревар за дизајн на роботи, Осака, 2006
  • Peugeot - натпревар за дизајн на автомовили 2006
  • Asics - натпрвар за дизајн на обувки 2007
  • Electrolux - лабараторија за дизајн 2007
  • Microsoft - натпревар за дизајн на нова генерација компјутери 2007 (финална селекција)
  • Electrolux - лабараторија за дизајн 2008
  • Peugeot - натпревар за дизајн на автомовили 2008
  • Натпревар за дизајн на нов aвтобус за Лондон 2008
Изложби на Апостол Тноковски
  • Мај 2007, групна студентска изложба, Fashion Week, Скопје
  • Јуни 2007, завршна изложба на студентите од факултетот за Арт и дизајн, Скопје
  • Јуни 2008, завршна изложба на студентите од факултетот за Арт и дизајн, Скопје
  • Јуни 2009, завршна изложба на студентите од факултетот за Арт и дизајн Скопје
  • Септември 2009, Биенале на млади европски умтници , Скопје
Би сакал да посочам интервју со Апостол објавено на it.com.mk.

No comments: