Thursday, February 2, 2012

За музиката и околината со Бојан Перевски од Нокаут

Инспириран од добриот концерт на Нокаут во Декември минатата година, посакав да поразговарам со Бојан Перевски од Нокаут и да го прашам неколку прашања што преку мојот блог ќе ги споделам и со оние што сакаат дополнителни информации во врска со активностите на Нокаут, нивниот последен концерт и лични ставови на Бојан Перевски на неколку теми и прашања.

ВБУ | Покрај тоа што присутните на последниот концерт (28.12.2011) во Метрополис арената можеа да те видат позади перкусиите, со усна хармоника во раце и некои други музички инструменти, какви се твоите останати активности во друштвото (Нокаут)? Јас успеав да препознаам барем една, веројатно инцидентна, на последниот концерт, кога на брат ти му го „симна” Фиц од вратот некаде при крајот на настанот и го седна на твое место за Пере да може да продолжи нормално да ја интерпретира песната што во тој момент ја изведувавте. Пере успеа да остане професионален и покрај тоа што, сигурен сум, малку фалеше таа ситуација да заврши навистина лошо доколку ти не го стореше тоа што го стори или задоцнеше барем десетина секунди. Што сè правиш ти во бендот?

Бојан | Велат дека крвта не е вода. ДНК-то те тера да реагираш братски или колегијално во такви моменти. Тоа беше ситуација во која мораше или барем требаше да се предвидат непредвидливите моменти и да се реагира на начин на кој што нема да се загрози повеќемесечниот ангажман за тој настан. Беше тоа чудна ситуација што во одредени моменти изгледаше дури и безизлезно, меѓутоа некако со божја помош или не, сепак се извлековме и се надевам дека успеавме да го задржиме професионализмот. Татко ми на неколку наврати ми има кажано: -Човекот е јак онолку колку што може да издржи. Сè останато е надвор од контрола и тогаш почнува „забавата”.

Во НОКАУТ покривам два сегмента: бизнис и музичко-изведувачкиот.

  1. Во бизнис сегментот ги работам маркетингот и формалните комуникации, како и комплетниот менаџмент на еден бенд од осум члена, каков што е НОКАУТ. (Би сакал да спомнам дека сегментот на односи со јавност ги покрива мојата сопруга Анета Перевска)
  2. Во музичко-изведувачкиот дел сум како втор или попознато како пратечки вокал кој го следи Пере постојано во своите изведби. Во меѓувреме тропам на конгите, шејкерите, дајрето и свирам на обичната како и на усната хармоника а со тоа се трудам да дадам една поинаква „боја” на целокупниот настап на НОКАУТ.

ВБУ | Што се случи со Playground? Она што јас успеав да го слушнам од овој музички состав мене лично многу ми се допадна.

Бојан | Од Playground за жал остана само едно, сеќавање. Оние кои воопшто немаат слушнато, тоа е приказна за бенд во која се боревме да раскажеме наша приказна на сопствен начин. Имавме визија, но немав(ме) мадиња да го издржиме притисокот на животот кој не оддалечи од целосната замисла, да направиме бенд и да направиме албум(и) што ќе остават една малку поинаква слика од она што беше македонската современа музичка сцена тогаш (2003-та, 2004-та година) па и денес. Оправдувањата беа класика: Знаеш, време ми е да најдам работа, немаме средства или што би рекле сегашниве бизнисмени, нема економска исплатливост! Но, да споделам со тебе и читателите на овој текст неколку информации поврзани со Playground.

Зошто Playground?
Затоа што се наоѓаме на едно игралиште на кое треба ние децата од оваа почва да си играме, а не другите пред нас и околу нас.

Зошто една од песните се вика „Сеќавање”?
Затоа што таа песна е одраз на младиот македонски човек кој сеуште се прашува дали да остане тука или не, дали е храброст или лудост што си останал тука, а од другата страна на барата твој другар ти праќа фотки од кои разбираш дека успеал неколку кратно да има бенефит и материјален и поинаков, додека ти си, онака, со песната тие пет години и чувството на влагата од просториите во кои си вежбал и се надеваш на барем еден нов микрофон Shure SM58. Можеби бевме фокусирани на некој си свој духовен пат што не го изодевме, но не значи дека истиот не го градиме и дека нема да го доодиме во иднина. Имаме албум што не е издаден и што чека погоден момент, а кога ќе биде тој момент, ќе бидам најсреќниот човек, барем на мојата улица во населбата „Ѓорче Петров”.

ВБУ | Колку инструменти свириш?

Бојан | Од удирачки инструменти тапани и конги. Свирам гитара, свирам клавир меѓутоа не толку добро како што удирам по тапаните и без нотен запис, да се разбереме. Почнав на седум годишна возраст во нижото музичко училиште МБУЦ „Илија Николосвки Луј” на отсек виолина и солфеж, па потоа планот беше со тек на време да преминам на удирачки, сепак се задржав на соло пеење. Усната хармоника ја открив во 2007-мата кога се случи привиот Unplugged концерт на Нокаут. Да ти кажам искрено, имам сериозна намера да се пробам уште на многу инструменти, тоа ми е голем предизвик бидејќи инструментите и музиката ме исполнуваат максимално. Следен на листата ми е саксофонот.

ВБУ | Бојан, знам дека ти беше најактивен околу организацијата на концерот што се одржа на 28-ми Декември 2011. Можеш ли да ми кажеш колку компании добија покани да ја помогнат неговата реализација, а колку од нив прифатија?

Бојан | Да, Точно! Бев вклучен во организација на настанот, бидејќи Франц и Пере ми ја препуштија палката токму мене. Франц замина во тој период во САД, а Пере едноставно е човек кој сака да се фокусира на својата творечка работа, а јас се пријавив како доброволец за тим лидер и организатор на концертите на Нокаут во Колосеум и Метрополис 2011.
Што се однесува до поканите за спонзорство, неблагодарно е да манипулирам со проценти или бројки. Она што сакам да го кажам и ќе бидам краток е дека некои бизнис луѓе имаат чувство, немаат завеса на очите, памук во ушите и можат да препознаат бренд како Нокаут и им благодарам на помошта и почитта кон нашата работа.

ВБУ | На последниот концерт во Метрополис арената, цел тој концепт на кабаре/бар во кој гостите доаѓаат исполнуваат по некоја нумера, па си седнуваат на маса поставена на бината за да се напијат нешто и да си помуабетат меѓу себе, па да се појават и други личности на шанкот што не интерпретираат никаква песна, изгледаше добро и природно. Концепт што мене многу ми се допадна, кој е одговорен за ова?

Бојан | Сценографијата е дело на младиот но веќе искусен сценограф Влатко Чачоровски - Чоле. Дечкото направи магија, секоја чест и посакуваме само така да продолжи!
Цела приказна ја склопивме точно две недели пред концертот каде што тандемски добро изиграа со Жаклина Стефковска за да изгледа „домот” т.е. сцената на Нокаут и облеката онака како што изгледаше. Верувам дека обожавателите и почитувачите на Нокаут се задоволни од прикажаното.
Целта на Нокаут не беше да помине концертот било како туку да биде најдобро што може.
Ги вложивме буквално сите средства и сили за да излезе толку кабаре и толку бордо на виделина. Имавме предлози со видео бимови и.т.н. меѓутоа знаевме што бараме. Видовме и се осигуравме дека можеме многу да направиме доколку никој не ни застане на патот. Нокаут има екипа и може реално да направи многу во секој поглед, а мислам дека тоа и го докажавме со реализација на последниот концерт. Но ќе речам, без спонзори нема „толку кабаре и толку бордо”.

ВБУ | На кое ниво учествуваш во создавањето нови песни во Нокаут? Како изгледа тој процес?

Бојан | Процесот на музичка креација повеќето е оставена на Пере и Франц. Они се главната синергија која минува во етерот и ден денеска. Кога чувствувам дека има простор за предлози и корекции, тогаш сум присутен и јас. Последните песни од Нокаут имаат дух не само од мене, туку и од целиот бенд. Верувам дека е препознатливо на песните од Нокаут дека сè е свирено во живо, така што многу зависи од сите нас како сето тоа ќе го изведеме и како ќе звучи на крај. Нормално, мозокот на песните се Пере и Франц. Мило ми е што конкретно брат ми не е човек кој е затворен во својот ум и дозволува сугестии или евентуално влијание, доколку смета дека предлозите се вклопуваат во песната.

ВБУ | Како се создаваат новите песни во Нокаут? Кои се луѓето од каде што доаѓа иницијалниот импулс идејата и првиот драфт за конкретна песна?

Бојан | Песните се создаваат постепено, во студио, додека шета некој од нас на Водно, додека прави тост во кујната и ќе го вклучи телефонот да ја снима линијата пред да појде во студио. На Никола (Пере) неретко му се случува да стане од спиење и да направи директен музички запис на песната :-) Значи, генерално тоа се Пере и Франц, но постои простор и за сите останати околу нас кои ќе понудат добра соработка и добра композиција која ќе сметаме дека е на ниво на Нокаут.

ВБУ | Имаш ли омилен инструмент што го користиш кога создаваш музика?

Бојан | Гитара и евентуално клавир, тоа е тоа. Понекогаш дури и мобилниот телефон доколку има можност за „Voice recording” ти е доволна за да си ја отпееш вокалната линија која ти е во главата и потоа на раат да ја поставиш како што си ја замислил со композиција и аранжманот кој се раѓа во тој период од креацијата.

ВБУ | Дали редовно слушаш музика, во моментите кога не се бавиш со нејзино создавање? Дали тоа е интензивно и дали сам си ја одбираш музиката што сакаш да ја слушате или тоа најчесто е преку радио станици и емисии од уредници што пласиираат музка што ним им се допаѓа?

Бојан | Нема живот без музика, кој мисли спротивно е за мене сиромав човек. Често слушам музика и морам да признаам дека најдобро ми е кога сум сам. За мене има добра музика и лоша музика. Едноставно го слушам тоа што ќе ме привлече како хармонија, вокал и интерпретација се разбира. Често слушам радио Равел, бидејќи со него пораснав и ете, се уште живеам и убаво ми е. Тоа радио ми беше дел од мојата самоедукација во контекст на музичките погледи и стилови. Како музички стил во последно време ја бендисав :-) и слушам турската музичка продукција. Ме воодушеви турскиот бенд „MOR VE OTESI” и нивниот албум „Gul Kendine” и топло ги препорачувам.

ВБУ | Колку часови најмногу сте издржале без спиење посветувајќи се на работата и дали тоа е рекордот постигнат токму во процесот на подготовка за последниот концерт во Метрополис арената?

Бојан | Штотуку издржав 48 часа за изминатиов концерт во Метрополис, а пази, имав и настап :-). Беше доста напорно, но се исплатеше трудот.

ВБУ | Кој ти е омилен извор на нова музика? Дали константното слушање музика придонесува во креативниот нагон при правењето музика?

Бојан | Имаме влијанија, во последно време се повеќе ми се начулени ушите на истокот, па слушам бендови како рускиот „ПЈАТНИЦА”, турскиот „MOR VE OTESI”, а го слушам и новиот албум на „IAN BROWN” и на „John Mayer”. Влијанието ни е во најразлични форми и од најразлични животни ситуации. Добро е да чуеш и видиш на кое ниво си со другите во светот, меѓутоа тоа за нас е музикотерапија што ја препорачувам на секој почесто да ја применува.

ВБУ | Доколку музиката ја ставиме во бизнис контекст, зошто Нокаут до сега нема песна на англиски јазик, неформалниот светски јазик и обид да се продаде трудот некаде на некои други пазари што имаат поголем потенцијал од овој локалниот?

Бојан | Хм... тоа е еден од нашите „условно кажани пропусти” што ќе се потрудиме во иднина да го коригираме. Целта беше да се остави под ова небо малку поинаква музичка творба на нашиот мајчин јазик за која сметаме дека е квалитетна и ќе биде понатаму нишка за еден дел од младите од Македонија кои сакаат малку поинаков критериум од сето она што се нуди кај нас. Меѓу другото сакаме да покажеме дека може и на мајчин, македонски јазик да се направи нешто, за што ние веруваме дека е квалитетно и добро и притоа да биде спакувано во современа музичка форма. Во секој случај, сакаме да одиме понатаму од нашите граници и би сакале да препееме некои од песните на англиски, српски или француски јазик и верувај тоа ќе го направиме, само се уште немаме решено на кој јазик :-).

ВБУ | Дали може да се очекува концерт на Нокаут без гости или барем не во толкав број со толкаво отстапено време на сопствен концерт? Јас верувам дека тој концерт ќе има исто толку голем успех како и овој последниов на кои беа поканети неколку гости. Дали вие се согласувате со моево убедување од последната реченица?

Бојан | Се согласувам дека имаше момент каде што дел од гостите беа позастапени од планираното, но не секогаш можеш тоа да го контролираш. Во дел од програмата на Нокаут за 2012 година се OFF GUEST концерти. Гостите досега беа дел од еден проект кој успешно заврши лани (2011) во Метрополис Арена, а започна 2007 во МНТ. Веруваме дека имаме капацитет, материјал и пред се публика што ќе прифати и почитува различна изведбена приказна.

ВБУ | Сте вложиле многу дополнителен напор во подготовка и организација на концертот во Метрополис арената, многу нерви, енергија и време. Сопствените деца кои ги минуваат првите седум години на оваа планета не сте успеале да ги видите со денови и недели поради професионалните ангажмани. Имате успешна реализација на одличен концерт после кој сите (мислам на целата екипа од шест плус два, што излезе на бината) имате незаменливо искуство и поддршка од неколку илјади луѓе на самиот концерт што дошле да уживаат во интерпретација, верувам пред се, на авторските дела на Нокаут, барем тоа е случајот со мене. Дали вреди целиот тој напор и откажувања, ако не од друго, барем од редовно поминување време со децата што се на возраст кога се како сунгери и впиваат се што ќе чујат и видат и кога мислам дека родителите играат многу важна улога во нивниот живот. Дали навистина вреди?

Бојан | Нешто што вреди значи дека останува запаметено за малку подолго време од она на кое што сме навикнале. Дали вредат сите наши жртви за да напишат нашите критичари само два реда во дневна рубрика, е тоа не знам. Ова Fast Food општество се ми се чини дека се движи премногу брзо и во погрешна насока кога е во прашање критериумот и вредноста на вистинската авторска современа музика како и музичката критика во Македонија. Како и да е, ние како Нокаут или јас како Бојан Перевски, чувствувам длабоко во себе дека треба да бидам во редот на оние кои ќе го бранат интегритетот на музичкиот квалитет по било каква цена. Одиме ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ!

No comments: