Sunday, September 18, 2011

Македонија под исклучително позитивно влијание на нејзината кошаркарска репрезентација

Несомнено нашата кошаркарска репрезентација (не мислам само на кошаркарите туку на целиот тим што ги вклучува и тренерите, селекторот, докторите, ако имаат и нутриционистите и останатите членови стручни соработници) направи голем спортски успех на европското првенство во Литванија 2011 и би сакал да им честитам и да им заблагодарам што успеаа како ретко кога последниве, па можеби десетина години, да ми разбудат исклучлително интензивни убави емоции. Претстои натпреварот со Русија за бронза и стискам палци нашиот тим да ја добие.
Но со овој пост би сакал да споделам нешто друго што успеав да забележам, а што беше испровоцирано/инспирирано/иницирано од комплетното однесување и резултатот на нашата кошаркарска репрезентација.

ТОЛЕРАНЦИЈА И ПОЧИТ
По секој победен натпревар, многу луѓе излегуваа на улиците за јавно да го изразат своето задоволство. Некои од нив одеа по улиците со знамиња пеејќи некои од навивачките или патриотските песни. Оние што беа во автомобили ги отпоздравуваа со свирките на автомобилите. Можеше да се забележи зголемена меѓусебна толеранција од вообичаената и многу поголема лесно забележлива меѓусебна почит. Јас исто така крстарев со кола по утакмицата со Литванија со мои двајца пријатели и можев да го забележам тоа, кога некој автомобил сакаше да се вклучи од спореден пат, другите не додаваа гас за да не го пуштат и не псуеа во стилот: - ти ќе ми се пикаш... <сочна балканска пцост>, туку прикочуваа го пропуштаа и поздравуваа. Впечатливо, како никогаш до сега ми се чини, колите подзастануваа на пешачките премини за да поминат пешаците кои поздравуваа со виорење на националното знаме или со високо стегната тупаница. Од коливе пак, им возвраќаа со навивачка мелодија преку свирките на колите. Веројатно не сум единствен што ова го забележал. Многу едноставни работи што мене многу ме направија среќен затоа што можев да почуствувам меѓусебна почит и толеранција кај луѓето.
Мислам дека ваквото однесување можеби за некои безначајно, но за мене многу впечатливо во деновите на победа на нашата репрезентација и многу значајно однесување, демонстрирано во сообраќајот што ги имплементира концептите на толеранција и почит.
Лично сметам дека имплементацијата на овие два концепта и на други нивоа се основен предуслов за добра општествена атмосфера и основа за вистинско граѓанско обединување(какво што би можел да го препознаам кај Германците и Јапонците) што води кон општествени успеси.

МОТИВ
...за младите но и за старите.
Можам да се кладам дека постојат многу млади луѓе и деца што на успехот што го постигнува нашата кошаркарска репрезентација на актуелното европско првенство ги мотивира да облечат кошаркарски дрес и да почнат да тренираат кошарка односно да продожат да вложуваат многу поинтензивно во овој популарен спорт. Мислам дека тоа треба да се препознае/види, разбере и поддржи на вистински начин од различни структури и групи граѓани во општеството, сега е моментот. Веројатно градењето инфраструктура и елементарни услови за играње кошарка (спортување) е една од работите што треба да се направат, но мислам дека многу повеќе е важно вниманието што им се посветува особено на мотивираните деца што сака да станат европси/светски шампиони. Ќе се обидам да дадам пример со ќе направам паралела. На дете не е доволно да му се купи скапа играчка и само да му се даде за тој да си игра. Мислам дека ефектот е многу поголем ако се купи, можеби и поефтина играчка и ако се седне со него за да му се објасни како се користи играчката, за што служи, каков е нејзиниот потенцијал и заедно со него да се почне со играње.
Се надевам ова однесување и резултат на нашата кошаркарска репрезентација мотивирала и малку постари членови на нашето општество, не за да облечат дрес и напорно да тренираат (нивното време за да станат европски/светски шампиони во некој спорт поминало), туку за повеќе да се залагаат и да вложуваат во себе и средината/индустријата/доменот во кој тие веќе функционираат, немора тоа да е спортот. (барем на мене репрезентацијата успеа да влијае мотивирачки што сум сигурен дека ќе се одрази во моето функционирање кое нема баш многу врска со спортување) 

Би можел да напишам за уште неколку работи што ми се допаднаа што произлегуваат од овие две состојби што успеав да ги препознаам, но овде ќе запрам.
Сепак, во ниедна ситуација неможе се да му се допадне на човек. Веројатно моите следни коментари може да бидат протолкувани како барање влакно во јајце, зановетање, тупење и незнам што, но јас сакам да ги спомнам бидејќи не ми се допаѓаат.

ГЛУПОСТ ШТО БИ САКАЛ ДА ПРЕСТАНЕ
Не ми се допаѓа и мислам дека воопшто не е добро пеењето на песните во кои се тргнува/атакува на солунското поле (нечии територии), се спомнуваат во некои погрдни контексти сограѓаните од албанска националност. Верувам дека најголем процент од оние што ги изустуваат таквите пораки преку песните, воопшто и не помислуваат што со тоа праватм и дека навистина не го мислат тоа и што го пеат, но многу лошо делува кога ги слушаш.
Еве, на пример, замисли дека си Грк (Македонец) и некаде пример на youtube.com налетуваш на видео на кое на плоштадот во Скопје (Солун) се пеат песни од стотици луѓе песни во кои се спомнува дека ќе биде нивно нешто што тебе ти припаѓа, твоја земја, твој дом, солунското поле (скопското поле). И покрај се, земајќи ја во предвид актуелната политичка ситуација помеѓу нашата и грчката земја, историјата во егејот по втората светска војна, мислам дека не е во ред пеење на ваква содржина.

Сличен пример е и со песните во кои се атакува кон албанците. Искрено се надевам, а на тоа мора да работи секој од нас во ова општество, дека претстои време во кое треба да се обединуваме околу интереси и вредности што ќе ги тргнат малку настрана, но се разбира нема да ги заборават, националните атрибути, што пред се ќе помогнат во зајакнување на меѓучовечките односи на сите нас што сме се нашле на ова парче земја, за подоцна да можеме уште посилно да го кренеме нашето македонско знаме во воздухот и тоа да се гледа и почитува од многу подалеку отколку сега.
Ги молам сите оние што јавно ги промовираат ваквите содржини преку навивачките песни добро да размислат пред гласно да ги испеат погрдните/напаѓачки стиховите што не би сакале да ги чујат испеани од устите на оние кон кои во овие стихови се атакува, но во случај во кој би се замениле улогите. Мислам дека креаторите на навивачките стихови треба добро да размислат за следните напишани навивачки стихови, а стручните штабови на клубовите чии овие поети се приврзаници, да го канализираат и артикулираат и овој неизбежен сегмент од спортското живеење.
Вложувањето во себе на секој спортист, поддршката од релевантните институции во државата и енергијата што ја даваме сите преку поддршката за нашите на натпреварите, а не атакување и вреѓање на другите, мислам дека треба да биде нашиот фокус. И после одлична игра на терен, доминација и победа, да му пружиме рака на противникот, да му честитаме на добрата игра (кој и да е противникот) и да си заминеме со насмевка е нешто што ќе каже/зборува многу за нас, а тој ќе може само да ја наведна главата, да размисли добро каде згрешил, многу повеќе да го „загрее столчето” во иднина и да има многу повеќе почит кон македонските спортски противници и кон Македонија. Зарем не сакаме многу повеќе почит од онаа што ја имаме денес? Мислам дека на сите ни е смачено од чувството на инфериорност, чувството на губитници, на минијатурна и безбачајна група луѓе, на племе со мали спортски/културни вредности и од потсмевање кон нашето спортување/работење/постоење. (Ваквата констатација ја докажуваат илјадниците луѓе излезени по улиците со високо кренато знаме на Македонија по секоја победа на нашиот тим)
Лично мислам дека со ваквиот начин на навивачка поддршка, преку пеење песни во стилот на оние на кои алудирав погоре во текстот, за кој почитуван читателу верувам дека ти се и повеќе од познати и со инцидентите, меѓусебни или со претставници од нивни навивачи, не правиме воопшто добро за нашиот кошаркарски тим ниту за самите себе.

Еве еден текст на темата поставен на bagra.org до кој би сакал да референцирам.
За крај би сакал да го изразам и своето задоволство што ми го овозможија многубројните граѓани и медиуми од државите на поранешната држава (Југославија), чии коментари ги читав по различни сајтови и форуми.

Пред крај би сакал да споделам уште нешто со тебе.
Ако евентуално си љубител на филмската уметност и доколку не си ги гледал, ти ги препорачувам филмовите Invictus и Miracle

Би сакал во оваа прилика да промовирам и една песна што мене лично многу ми се допаѓа. Станува збор за „Од нас зависи” на Нокаут. Огромна почит за работата на Никола Перевски - Пере, за мене еден од најдобрите современи македонски музички автори.

Се гледаме денеска на плоштад, прегрнати со високо подигнато знаме на Македонија!

Respect,

No comments: