Monday, August 22, 2011

Најдоброто од Македонија - Музика

Овој пост е резултат на желбата да го коментирам проектот именуван како „Најдоброто од Македонија - Музика” на Агенцијата за млади и спорт (АМС). Дополнително луѓето од АМС прашуваат како ни се допаѓаат нивните активности (тоа го прават преку анкета на веб сајтот на агенцијата), јас покрај испратениот одговор на нивната анкета, сакав дополнително и да коментирам, да дадам предлози, а имам и неколку прашања до релевантен претставник од агенцијата. Се надевам дека ќе имам прилика да добијам и одговори.
За проектот прочитав од објавата на одделението за односи со јавност на АМС на официјалнот веб сајт на агенцијата, во која се опишува пресот на кој младиот господин Диме Спасов (актуелен директор на АМС) го промовира проектот, соопштувајќи основни информации за идејата и дел од клучните работи за реализацијата. Го посетив и веб сајтот посветен на проектот, но таму нема детали за проектот, критериумите и правилата за избор на малкумината што ќе се најдат на компилацијата.

Најпрвин би сакал да спомнам дека мене лично идејата ми се допаѓа, но начинот на кој таа е реализирана преку овој проект не. Повеќе од сигурен сум дека реализацијата требала и можела да биде многу подобра и покоректна.

ЗА ИМЕТО
Мислам дека требало да се внимава повеќе при изборот на називот на проектот. Кога нешто ќе именуваш во стилот - најдоброто од ова, или најдоброто од она, притоа со тоа сакаш да одбележиш јубилеј на постоењето на една држава, мислам дека треба да се внимава многу на правилата на игра, нивното строго и прецизно дефинирање и јавно објавување. Во спротивно се предизвикува незадоволство (за кое сум убеден дека постои) кај група учесници во трката за нај нај, а и кај гласачите, што мислам дека е случај поради начинот на кој проектот е реализиран.
Во моментот на пишување на овој пост сеуште не се објавени резултатите и кои се музичките секвенции, а со нив и авторите, што ќе бидат заокружени во множеството најдобро од Македонија - музика, но сигурен сум и ќе си земам за право да напишам дека кои и да бидат избрани, ќе постои огромна група граѓани на истата Македонија што нема да се сложат со изборот, дека избраните се најдоброто од Македонија - музика.
Ако веќе проектот бил дефиниран и димензиониран така, да се идентификуваат три групи музички целини (забавна, народна и детска), тогаш еве еден задоцнет предлог што мислам дека би бил соодветен: „Одбрана музика од Македонија”.

КРИТЕРИУМИ И ПРАВИЛА
Никаде нема јасни и детални, јавно објавени критериуми и правила на игра. Оние што јавно се достапни оставаат многу прашања отворени, дилеми и простор за манипулација.

ИНИЦИЈАЛНО ПОНУДЕН ИЗБОР НА МУЗИЧКИ СЕКВЕНЦИ
Во објавата за јавноста се вели дека, цитирам „Освен 100те предлози по избор на музичките уредници, композитори и аранжери, сите што ќе сакаат да гласаат за некоја песна која ја нема меѓу понудените, а е нивен фаворит ќе можат да ја предложат на самата интернет страна”. Би сакал да прашам, кој се музичките уредници, композитори и аранжери (професионални соработници и музички критичари) што го правеле изборот на иницијалните 100 предлози? Мислам дека нивните имиња требаше и треба да бидат јавно објавени како и критериумите по кои е направен иницијалниот список на музички нумери. Мислам дека ова е исклучително важно за да се намалат (можеби и анулираат) сите шпекулации, сомненија, негодувања и незадоволства, што веројатно е важно за ваков тип проекти. Затоа би сакал да прашам дали некаде имало објава и кои биле критериумите при избор на иницијалните 100 предлога во ова натпреварување за најдоброто од Македонија и што воопшто значи најдобро во овој контекст?
Дополнително во овој контекст би сакал да додадам дека сите предлози на јавноста се нерамноправни во однос на оние сто предложени од уредувачкиот тим, затоа што иницијалните сто имале можност да бидат гласани подолго отколку секој предлог на јавноста. 
Кои се критериумите за прифаќање предлог од јавноста? Еден мој пријател спомна дека испратил предлог, а не го видел во листата до крајот на затворањето на гласањето? Како се идентификуваше релевантен предлог што ќе оди во листата за гласање?

ТРАНСПАРЕНТНОСТ
Во објавата на веб сајтот на АМС што ја споменав неколку пати во пасусите погоре, се спомнува дека гласањето ќе биде транспарентно. Ако веќе се спомнува транспарентно функционирање, ред е и така да биде. Техничката изведба мислам дека можела да биде и подобра (во контекст на транспарентноста). Јас не видов броеви што ги претставуваат гласовите на јавноста за предлозите, што би можеле да се инкрементираат во реално време по конкретно гласање.
Зошто бил потребен делот со SMS пораки? За да има транспарентност потребно е јавно да бидат објавени информации и за гласањето од SMS пораките (колку што успеав јас да видам никаде намаше/нема). Дали тие што гласале преку SMS пораки во реално време се прикажува на оние процентуални зависности што ги имаат сите предлози?
На крајот на денот, сценариото: гласање преку SMS пораки мислам дека нема логика. Доколку листата предлози за гласање се наоѓа исклучиво на веб сајтот, а покрај секој предлог има копче гласај, искрено не ми се верува дека некој се фатил за телефонот да напише SMS порака за да гласа. Зошто било потребно ова сценарио? Колкав е бројот на оние што испратиле SMS пораки за да го посочат својот најдобар од Македонија?

Забелешките и коментарите се најдобронамерни со желба за поквалитетна реализација на идни проекти во агенцијата.
За крај на овој пост имам уште неколку прашања:
  • Дали медиумите ќе се продаваат или ќе бидат бесплатни?
  • Каде и како ќе се дистрибуираат медиумите со музичките секвенци?
  • Во колкав тираж ќе се печатат?
  • Доколку се продаваат, дали креаторите на музичките нумери (изведувачи, продуценти, композитори, текстописци, аранжери, техничари) ќе заработат пари од тоа? (Кој е моделот преку кој тие ќе можат да го наплатат нивниот орден за најдобро од Македонија во музиката?)
  • Дали некој има дополнителни информации, забелешки и реплики на моите дилеми и коментари? В-)
На истата тема прочитајте и на блогот на Развигор. (Владата вика Даутовски, Синтезис и Анастазија се небитни за македонската музика)

    2 comments:

    Развигор said...

    ...Дали со откупот на авторски права државата ќе овозможи слободно користење на тие песни во дигитална форма, на пример под услови од некоја лиценца на Криејтив комонс?

    Anonymous said...

    "Транспарентноста" на гласањето не да ни оди со процент на гласови како мерило за успех, а при тоа да нема ни бројка на вкупно дадени гласови.

    Него, се мислам дека ако, освен граѓаните, се огласат и спонзорите како незадоволни од правилата на игра, можеби има шанси за некаква промена одн. повторување на изборот?