Saturday, December 31, 2011

Нокаут: Од лесно певливи преработки до сериозно квалитетни музички дела

Тежок сум на пишување, освен ако не е нешто за учество на некој тендер и навистина треба да имам мотив. Овој пат бев нокаутиран од квалитетот на звукот и како се тоа изгледаше. Пишувам за последниот концерт на Нокаут, одржан на 28-ми Декември 2011 во Метрополис арената во Скопје.
По не посетувањето на двете свирки летоска во парк, несмеев да не отидам и да не го слушнам ова. Така и бидна, излегов на пауза од работа и заедно со жена ми веќе во 21:20 бевме во фан пит зоната (појас од неколку метри веднаш пред бината). Купив по една пијачка и чекавме да се појават момците на бината. По кратко време и се појавија. И сега неможам да ги раскажувам песните една по една, но уште на првите неколку песни јас бев задоволен од тоа како звучеше и како изгледаше бината. Со моето скромно музичко искуство како консумент на различни стилови музика и музички неписмен, како гостин и човек што сака да доживее добро музичко искуство на концерт, мене критериумите и одговорните сетила за такви прилики ми беа комплетно задоволени и ако ја сакаш музичката уметност и не беше на концертот, би ти препорачал да бидеш спремен за следниот.
После првите неколку песни, се појави и првиот гостин, Фиц од Студени Нозе. На почеток симпатичен, како минуваше концертот малку недостасуваше да го расипе целиот настан со неговото неколку кратно враќање на бината, а во последните ре-појавувања и арогантно однесување за што заслужи да му се качи обезбедување и да го тргнат од бината, иако тоа низ насмевка и шала Франц го кажа, а верувам дека позади таа весела фасада стоеше сериозен коментар, односно искрено барање за некој да го тргне Фиц од бината. Но се надевам дека дечките од Нокаут, на чело со Пере и Франц ќе го изгладат тоа со Фиц, сепак бината беше прекумерно инспиративна за него, одлично замислена и декорирана (секоја чест за одговорниот, кој и да е) во стил на бар со шанк на кој веќе споменатиот господин се чини успеа фино да се „среди” (што вели една кумановска аксиома: - пред кафану се собираф, у кафану се одузимаф), па верувам ќе му простат на Фиц. Тоа се фини и културни момци, али јас ќе си земам за право да напишам... Братучед! За следниот концерт со овој unplugged концепт, кажи колку е проценката дека Фиц ќе придонесе во профитот, јас ќе ти го покријам тоа у која валута сакаш, само немој да го викаш повторно! Еве ти давам чек, па пиши иако после неговото однесување ако земам да го пресметувам ризикот за комплетно уништување на концерот, ќе искочам и ќар, ти ќе треба да ми платиш. B-) Шалата настрана, однесувањето на Фиц беше недопустливо.
Сепак, имаше уште неколку гости на концертот кои се возрасни и сериозни луѓе што знаат како треба да се однесуваат кога некој те поканил на сопствен концерт, па пријатното чуство и задоволството беа избалансирани и дополнети преку нивното присуство, настап и однесување.

Од останатите гости би сакал да спомнам еден господин познат во јавноста како Џафер. Веројатно на повеќето љубители на музиката, кога ќе се спомне Џафер, веднаш им текнува на песната Сонце за три светови. Јас правам малку поинаква референца. Мене веднаш ми текнува на песната Лага и измама и покрај тоа што мислам дека зад оваа песна покрај Џафер е потпишан и Венко Серафимовски. Оваа песна мене лично многу ми се допаѓаат, а ми текнува уште пред многу години, одам кај Пере дома и уште невлезен, ме дочекува: - Да ти пуштам една песна од Џафер и Венко! Да чуеш еј!!! Одлична песна! И стварно, јас знам да ја пуштам и ден денеска и да ја слушам.
И токму таа песна Џафер ја отпеа на концертот. Тоа е песна што Пере многу ја сака, а верувам и останатите членови на Нокаут.

Целиот бенд е добро уигран, а тоа придонесува да звучеа на концертот така како што звучеа, одлично!
Се надевам дека видео материјалите ќе бидат изрежирани во видео секвенца што ќе можам да си ја купам на DVD медиум.

И покрај тоа што Нокаут е веќе ветеран и не му треба посебно промовирање и рекламирање, јас би сакал да споделам со тебе неколку траки и документи за настанот. Некогаш имам проблем да идентификувам што е од Perre а што пак од Нокаут, но се чини ни самиот Никола не прави многу разлика помеѓу овие два проекта. Некогаш она што ќе го направи само Perre оди во кошот на Нокаут. Како и да е, ги пишувам називите со линкови до песните што мене ми се допаѓаат и прочитајте што велат дел од медиумите за концертот.






Едно време луѓето даваа пари за оглас јавно да упатат честитка, желба или да се откажат од некој роднина, пријател или од кумот. Денеска за среќа, тоа иде многу полесно и, условно речено, без пари. Така што, јас ќе го искористам мојот блог, преку овој пост што ќе го промовирам на Facebook да им честитам на Нокаут за одличниот концерт, да им заблагодарам за пренесената енергија и да им посакам уште успешни концерти, за кои не се сомневам дека ќе ги има, но и да им посакам конечно да почнат тоа што го работат со години и најдобро, да го гледаат малку повеќе и како бизнис.
Браќа Перевци, бидете здрави и живи па се надевам се гледаме скоро. Ако не скоро тогаш сигурно на редовни фамилијарни родендени, слави, крштевки, свадби и погреби.

Over & Out

П.С. Во контекст на добрата музика и квалитетни концертни настапи и жива музика, би сакал да референцирам и до Африка од Суперхикс.

Sunday, September 18, 2011

Македонија под исклучително позитивно влијание на нејзината кошаркарска репрезентација

Несомнено нашата кошаркарска репрезентација (не мислам само на кошаркарите туку на целиот тим што ги вклучува и тренерите, селекторот, докторите, ако имаат и нутриционистите и останатите членови стручни соработници) направи голем спортски успех на европското првенство во Литванија 2011 и би сакал да им честитам и да им заблагодарам што успеаа како ретко кога последниве, па можеби десетина години, да ми разбудат исклучлително интензивни убави емоции. Претстои натпреварот со Русија за бронза и стискам палци нашиот тим да ја добие.
Но со овој пост би сакал да споделам нешто друго што успеав да забележам, а што беше испровоцирано/инспирирано/иницирано од комплетното однесување и резултатот на нашата кошаркарска репрезентација.

ТОЛЕРАНЦИЈА И ПОЧИТ
По секој победен натпревар, многу луѓе излегуваа на улиците за јавно да го изразат своето задоволство. Некои од нив одеа по улиците со знамиња пеејќи некои од навивачките или патриотските песни. Оние што беа во автомобили ги отпоздравуваа со свирките на автомобилите. Можеше да се забележи зголемена меѓусебна толеранција од вообичаената и многу поголема лесно забележлива меѓусебна почит. Јас исто така крстарев со кола по утакмицата со Литванија со мои двајца пријатели и можев да го забележам тоа, кога некој автомобил сакаше да се вклучи од спореден пат, другите не додаваа гас за да не го пуштат и не псуеа во стилот: - ти ќе ми се пикаш... <сочна балканска пцост>, туку прикочуваа го пропуштаа и поздравуваа. Впечатливо, како никогаш до сега ми се чини, колите подзастануваа на пешачките премини за да поминат пешаците кои поздравуваа со виорење на националното знаме или со високо стегната тупаница. Од коливе пак, им возвраќаа со навивачка мелодија преку свирките на колите. Веројатно не сум единствен што ова го забележал. Многу едноставни работи што мене многу ме направија среќен затоа што можев да почуствувам меѓусебна почит и толеранција кај луѓето.
Мислам дека ваквото однесување можеби за некои безначајно, но за мене многу впечатливо во деновите на победа на нашата репрезентација и многу значајно однесување, демонстрирано во сообраќајот што ги имплементира концептите на толеранција и почит.
Лично сметам дека имплементацијата на овие два концепта и на други нивоа се основен предуслов за добра општествена атмосфера и основа за вистинско граѓанско обединување(какво што би можел да го препознаам кај Германците и Јапонците) што води кон општествени успеси.

МОТИВ
...за младите но и за старите.
Можам да се кладам дека постојат многу млади луѓе и деца што на успехот што го постигнува нашата кошаркарска репрезентација на актуелното европско првенство ги мотивира да облечат кошаркарски дрес и да почнат да тренираат кошарка односно да продожат да вложуваат многу поинтензивно во овој популарен спорт. Мислам дека тоа треба да се препознае/види, разбере и поддржи на вистински начин од различни структури и групи граѓани во општеството, сега е моментот. Веројатно градењето инфраструктура и елементарни услови за играње кошарка (спортување) е една од работите што треба да се направат, но мислам дека многу повеќе е важно вниманието што им се посветува особено на мотивираните деца што сака да станат европси/светски шампиони. Ќе се обидам да дадам пример со ќе направам паралела. На дете не е доволно да му се купи скапа играчка и само да му се даде за тој да си игра. Мислам дека ефектот е многу поголем ако се купи, можеби и поефтина играчка и ако се седне со него за да му се објасни како се користи играчката, за што служи, каков е нејзиниот потенцијал и заедно со него да се почне со играње.
Се надевам ова однесување и резултат на нашата кошаркарска репрезентација мотивирала и малку постари членови на нашето општество, не за да облечат дрес и напорно да тренираат (нивното време за да станат европски/светски шампиони во некој спорт поминало), туку за повеќе да се залагаат и да вложуваат во себе и средината/индустријата/доменот во кој тие веќе функционираат, немора тоа да е спортот. (барем на мене репрезентацијата успеа да влијае мотивирачки што сум сигурен дека ќе се одрази во моето функционирање кое нема баш многу врска со спортување) 

Би можел да напишам за уште неколку работи што ми се допаднаа што произлегуваат од овие две состојби што успеав да ги препознаам, но овде ќе запрам.
Сепак, во ниедна ситуација неможе се да му се допадне на човек. Веројатно моите следни коментари може да бидат протолкувани како барање влакно во јајце, зановетање, тупење и незнам што, но јас сакам да ги спомнам бидејќи не ми се допаѓаат.

ГЛУПОСТ ШТО БИ САКАЛ ДА ПРЕСТАНЕ
Не ми се допаѓа и мислам дека воопшто не е добро пеењето на песните во кои се тргнува/атакува на солунското поле (нечии територии), се спомнуваат во некои погрдни контексти сограѓаните од албанска националност. Верувам дека најголем процент од оние што ги изустуваат таквите пораки преку песните, воопшто и не помислуваат што со тоа праватм и дека навистина не го мислат тоа и што го пеат, но многу лошо делува кога ги слушаш.
Еве, на пример, замисли дека си Грк (Македонец) и некаде пример на youtube.com налетуваш на видео на кое на плоштадот во Скопје (Солун) се пеат песни од стотици луѓе песни во кои се спомнува дека ќе биде нивно нешто што тебе ти припаѓа, твоја земја, твој дом, солунското поле (скопското поле). И покрај се, земајќи ја во предвид актуелната политичка ситуација помеѓу нашата и грчката земја, историјата во егејот по втората светска војна, мислам дека не е во ред пеење на ваква содржина.

Сличен пример е и со песните во кои се атакува кон албанците. Искрено се надевам, а на тоа мора да работи секој од нас во ова општество, дека претстои време во кое треба да се обединуваме околу интереси и вредности што ќе ги тргнат малку настрана, но се разбира нема да ги заборават, националните атрибути, што пред се ќе помогнат во зајакнување на меѓучовечките односи на сите нас што сме се нашле на ова парче земја, за подоцна да можеме уште посилно да го кренеме нашето македонско знаме во воздухот и тоа да се гледа и почитува од многу подалеку отколку сега.
Ги молам сите оние што јавно ги промовираат ваквите содржини преку навивачките песни добро да размислат пред гласно да ги испеат погрдните/напаѓачки стиховите што не би сакале да ги чујат испеани од устите на оние кон кои во овие стихови се атакува, но во случај во кој би се замениле улогите. Мислам дека креаторите на навивачките стихови треба добро да размислат за следните напишани навивачки стихови, а стручните штабови на клубовите чии овие поети се приврзаници, да го канализираат и артикулираат и овој неизбежен сегмент од спортското живеење.
Вложувањето во себе на секој спортист, поддршката од релевантните институции во државата и енергијата што ја даваме сите преку поддршката за нашите на натпреварите, а не атакување и вреѓање на другите, мислам дека треба да биде нашиот фокус. И после одлична игра на терен, доминација и победа, да му пружиме рака на противникот, да му честитаме на добрата игра (кој и да е противникот) и да си заминеме со насмевка е нешто што ќе каже/зборува многу за нас, а тој ќе може само да ја наведна главата, да размисли добро каде згрешил, многу повеќе да го „загрее столчето” во иднина и да има многу повеќе почит кон македонските спортски противници и кон Македонија. Зарем не сакаме многу повеќе почит од онаа што ја имаме денес? Мислам дека на сите ни е смачено од чувството на инфериорност, чувството на губитници, на минијатурна и безбачајна група луѓе, на племе со мали спортски/културни вредности и од потсмевање кон нашето спортување/работење/постоење. (Ваквата констатација ја докажуваат илјадниците луѓе излезени по улиците со високо кренато знаме на Македонија по секоја победа на нашиот тим)
Лично мислам дека со ваквиот начин на навивачка поддршка, преку пеење песни во стилот на оние на кои алудирав погоре во текстот, за кој почитуван читателу верувам дека ти се и повеќе од познати и со инцидентите, меѓусебни или со претставници од нивни навивачи, не правиме воопшто добро за нашиот кошаркарски тим ниту за самите себе.

Еве еден текст на темата поставен на bagra.org до кој би сакал да референцирам.
За крај би сакал да го изразам и своето задоволство што ми го овозможија многубројните граѓани и медиуми од државите на поранешната држава (Југославија), чии коментари ги читав по различни сајтови и форуми.

Пред крај би сакал да споделам уште нешто со тебе.
Ако евентуално си љубител на филмската уметност и доколку не си ги гледал, ти ги препорачувам филмовите Invictus и Miracle

Би сакал во оваа прилика да промовирам и една песна што мене лично многу ми се допаѓа. Станува збор за „Од нас зависи” на Нокаут. Огромна почит за работата на Никола Перевски - Пере, за мене еден од најдобрите современи македонски музички автори.

Се гледаме денеска на плоштад, прегрнати со високо подигнато знаме на Македонија!

Respect,

Monday, August 22, 2011

Најдоброто од Македонија - Музика

Овој пост е резултат на желбата да го коментирам проектот именуван како „Најдоброто од Македонија - Музика” на Агенцијата за млади и спорт (АМС). Дополнително луѓето од АМС прашуваат како ни се допаѓаат нивните активности (тоа го прават преку анкета на веб сајтот на агенцијата), јас покрај испратениот одговор на нивната анкета, сакав дополнително и да коментирам, да дадам предлози, а имам и неколку прашања до релевантен претставник од агенцијата. Се надевам дека ќе имам прилика да добијам и одговори.
За проектот прочитав од објавата на одделението за односи со јавност на АМС на официјалнот веб сајт на агенцијата, во која се опишува пресот на кој младиот господин Диме Спасов (актуелен директор на АМС) го промовира проектот, соопштувајќи основни информации за идејата и дел од клучните работи за реализацијата. Го посетив и веб сајтот посветен на проектот, но таму нема детали за проектот, критериумите и правилата за избор на малкумината што ќе се најдат на компилацијата.

Најпрвин би сакал да спомнам дека мене лично идејата ми се допаѓа, но начинот на кој таа е реализирана преку овој проект не. Повеќе од сигурен сум дека реализацијата требала и можела да биде многу подобра и покоректна.

ЗА ИМЕТО
Мислам дека требало да се внимава повеќе при изборот на називот на проектот. Кога нешто ќе именуваш во стилот - најдоброто од ова, или најдоброто од она, притоа со тоа сакаш да одбележиш јубилеј на постоењето на една држава, мислам дека треба да се внимава многу на правилата на игра, нивното строго и прецизно дефинирање и јавно објавување. Во спротивно се предизвикува незадоволство (за кое сум убеден дека постои) кај група учесници во трката за нај нај, а и кај гласачите, што мислам дека е случај поради начинот на кој проектот е реализиран.
Во моментот на пишување на овој пост сеуште не се објавени резултатите и кои се музичките секвенции, а со нив и авторите, што ќе бидат заокружени во множеството најдобро од Македонија - музика, но сигурен сум и ќе си земам за право да напишам дека кои и да бидат избрани, ќе постои огромна група граѓани на истата Македонија што нема да се сложат со изборот, дека избраните се најдоброто од Македонија - музика.
Ако веќе проектот бил дефиниран и димензиониран така, да се идентификуваат три групи музички целини (забавна, народна и детска), тогаш еве еден задоцнет предлог што мислам дека би бил соодветен: „Одбрана музика од Македонија”.

КРИТЕРИУМИ И ПРАВИЛА
Никаде нема јасни и детални, јавно објавени критериуми и правила на игра. Оние што јавно се достапни оставаат многу прашања отворени, дилеми и простор за манипулација.

ИНИЦИЈАЛНО ПОНУДЕН ИЗБОР НА МУЗИЧКИ СЕКВЕНЦИ
Во објавата за јавноста се вели дека, цитирам „Освен 100те предлози по избор на музичките уредници, композитори и аранжери, сите што ќе сакаат да гласаат за некоја песна која ја нема меѓу понудените, а е нивен фаворит ќе можат да ја предложат на самата интернет страна”. Би сакал да прашам, кој се музичките уредници, композитори и аранжери (професионални соработници и музички критичари) што го правеле изборот на иницијалните 100 предлози? Мислам дека нивните имиња требаше и треба да бидат јавно објавени како и критериумите по кои е направен иницијалниот список на музички нумери. Мислам дека ова е исклучително важно за да се намалат (можеби и анулираат) сите шпекулации, сомненија, негодувања и незадоволства, што веројатно е важно за ваков тип проекти. Затоа би сакал да прашам дали некаде имало објава и кои биле критериумите при избор на иницијалните 100 предлога во ова натпреварување за најдоброто од Македонија и што воопшто значи најдобро во овој контекст?
Дополнително во овој контекст би сакал да додадам дека сите предлози на јавноста се нерамноправни во однос на оние сто предложени од уредувачкиот тим, затоа што иницијалните сто имале можност да бидат гласани подолго отколку секој предлог на јавноста. 
Кои се критериумите за прифаќање предлог од јавноста? Еден мој пријател спомна дека испратил предлог, а не го видел во листата до крајот на затворањето на гласањето? Како се идентификуваше релевантен предлог што ќе оди во листата за гласање?

ТРАНСПАРЕНТНОСТ
Во објавата на веб сајтот на АМС што ја споменав неколку пати во пасусите погоре, се спомнува дека гласањето ќе биде транспарентно. Ако веќе се спомнува транспарентно функционирање, ред е и така да биде. Техничката изведба мислам дека можела да биде и подобра (во контекст на транспарентноста). Јас не видов броеви што ги претставуваат гласовите на јавноста за предлозите, што би можеле да се инкрементираат во реално време по конкретно гласање.
Зошто бил потребен делот со SMS пораки? За да има транспарентност потребно е јавно да бидат објавени информации и за гласањето од SMS пораките (колку што успеав јас да видам никаде намаше/нема). Дали тие што гласале преку SMS пораки во реално време се прикажува на оние процентуални зависности што ги имаат сите предлози?
На крајот на денот, сценариото: гласање преку SMS пораки мислам дека нема логика. Доколку листата предлози за гласање се наоѓа исклучиво на веб сајтот, а покрај секој предлог има копче гласај, искрено не ми се верува дека некој се фатил за телефонот да напише SMS порака за да гласа. Зошто било потребно ова сценарио? Колкав е бројот на оние што испратиле SMS пораки за да го посочат својот најдобар од Македонија?

Забелешките и коментарите се најдобронамерни со желба за поквалитетна реализација на идни проекти во агенцијата.
За крај на овој пост имам уште неколку прашања:
  • Дали медиумите ќе се продаваат или ќе бидат бесплатни?
  • Каде и како ќе се дистрибуираат медиумите со музичките секвенци?
  • Во колкав тираж ќе се печатат?
  • Доколку се продаваат, дали креаторите на музичките нумери (изведувачи, продуценти, композитори, текстописци, аранжери, техничари) ќе заработат пари од тоа? (Кој е моделот преку кој тие ќе можат да го наплатат нивниот орден за најдобро од Македонија во музиката?)
  • Дали некој има дополнителни информации, забелешки и реплики на моите дилеми и коментари? В-)
На истата тема прочитајте и на блогот на Развигор. (Владата вика Даутовски, Синтезис и Анастазија се небитни за македонската музика)