Friday, April 4, 2014

Me, myself and I


На 12-13 Април годинава ќе се одржи натпревар именуван како „НАСА спејс апс челинџ“ (NASA Space Apps Challenge). На мое големо задоволство организаторот ме покани да бидам еден од менторите на тимовите учесници што ќе треба да издржат хакатон на кој ќе треба да реализираат софтверски/електронски решенија.

Денеска (03.Април) се одржа првата од двете планирани сесии на која членовите на тимовите имаа прилика да запознаат дел од менторите.

Овој пост го пишувам како дополнување на моето претставување со желба да им се помогне на тимовите што ќе треба да пројават интерес за менторска асистенција, а во функција на поквалитетна реализација на решенијата што ќе ги изработуваат.

Преку моево проширено претставување ќе се обидам да идентификувам важни сегменти/точки што сметам дека еден тим, учесник на настанот, треба сериозно да ги третира.
  • Избор на проектот/темата час поскоро
    Тимот треба да го одбере предизвикот вчера (да да вчера, не е грешка) и да знае што сака да направи (да биде свесен за најголем дел од работите што го очекуваат за реализација на проектот/решението).
    Сценариото во кое тимот ќе се дом'кне во сабота сабајле на местото на настанот и ќе почне да дискутира или да се прашува на што да работи, не звучи за добитна комбинација.

    Како јас планирам да помогнам? [подготовка, планирање, проактивност, иницијатива, желба за успех/победа, анализа, управување со време]

    Одберете го вистинскиот предизвик, притоа внимавајте тоа да биде комбинација од тоа да имате доминантно познавање од темата што ја одбирате (деловна, функционална, техничка перспектива) и да ви биде доволно „секси“ за да имате екстра енергија и волја на располагање што обично се појавува во сценарија во кои работите на нешто за кое навистина имате интерес. Јас ќе ви помогнам:
    • да направиме декомпозиција на предизвикот и решението за подобро да го „свариме“ и да ги идентификуваме потенцијалните проблеми/предизвици;
    • да се организираме што е можно подобро за секој да добие вистинска задача;
    • да ја направиме вистинската секвенца на настани при реализација на решението;
    • да воведеме паралелизам во работењето и
    • оптимално да го потрошиме и онака краткото време на располагање - сметај те го ова за еден од најважните сегменти
  • Прво дизајн па потоа кодирање
    Најпрвин да се дизајнира решението (подготовка на mock-up), па потоа да се кодира.

    Како јас планирам да помогнам? [анализа, технички одлуки - архитектура, brainstorming сесии]
    Можам да помогнам во давање насоки како да се движи размислувањето при дизајнирањето на системот и расчистувањето на дилемите што ќе се појавуваат во тој процес. Ќе бидам и самиот присурен некое време на сесиите на разработување на решението и во функција на оној што ќе управува со сесијата (за да нема долги, забегани и сувишни дискусии), но би можел да бидам и како технички ментор во зависност од платформите и технологиите што ќе ги одбере тимот за имплементација на решението. (мои најблиски платформи  и оние со кои се осеќам најкомотен се оние на Microsoft - Windows Server како ултимативна платформа, Internet Information Services и MS SQL)
  • Луѓето сакаат прикаски
    На натпреварот ќе се прават софтверски решенија. Убеден сум дека никој од оние што ќе ги бодуваат решенијата нема да го интересира колку добар код е напишан и какви елегантни алгоритми се користени при имплементација. Жири комисијата и присутните ќе ги интересира што е „приказната“ позади тој код и што тој придонесува во средината за која е наменет - каква преносна вредност има тој код.

    Како јас планирам да помогнам? [евангелие за проектот/идејата, функционална/деловна вредност на решението]
    Некој треба да се „вртка наоколу“ и да раскажува за идејата и проектот, да ги споделува информациите за работата, да одбере таргет група на која ќе и се обрати, а со тоа да создаде оние што ќе ја поддржат идејата и нејзината реализација. Ова важи и за жири комисијата и за учесниците, посетителите на настанот, па и за јавноста.
    Јас би можел да помогнам во тој дел.
  • Содржината е секогаш важна
    Во дел од предизвиците постои можност да се користат податоци што ги обезбедува главниот организатор на глобалниот настан, а тоа е NASA. Решението што ќе се реализира според мене треба да ги користи токму овие податоци, а не инпровизации и тест податоци.

    Како јас планирам да помогнам? [интеграција со надворешни системи]
    Според мене ова е важен сегмент и треба да се третира сериозно уште во фазата на подготовка. Да се идентификуваат вистинските сервиси(извори на податоци), да се идентификува соодветниот член од тимот што ќе научи за интеграцијата помеѓу двете решенија/системи (API на сервисот што претставува извор на податоци (data service provider)) и ќе може во крајна линија и да го реализира сегментот што ќе ги поврзува двете решенија.
    Јас би можел да бидам покрај оној што ќе ја има оваа задача и ќе бидам достапен за комуникација и тогаш кога физички нема да бидам присутен на локацијата на која ќе се одржува настанот (канали за коминикација: e-mail, Skype, fb, twitter).
  • Идентификување графички дизајнер во тимот
    Очите се важен „input device“ на луѓето преку кои тие добиваат информации, а жири комисијата, присутните и јавноста ќе може да го види корисничкиот интерфејс, а не изворниот код (барем јас во оваа прилика не би покажувал и објаснувал изворен код). Естетиката и употребливоста (usability) на решението е нешто што може да има големо влијание над жири комисијата/присутните и јавноста за тоа како ќе го оценат/коментираат она што ќе биде презентирано/демонстрирано од тимот. Ако во тимот сеуште немате дизајнер (односно некој што ќе може да се посвети на корисничкиот интерфејс / презентациското ниво од решението), тогаш размислете тоа да го направите. Ако тоа не е можно, јас ќе ви помогнам да идентификуваме член од тимот што ќе ја има задачата на UI дизјанер.

    Како јас планирам да помогнам? [графички дизајн и дизајн на UI]
    Би можел да помогнам во идентификувањето на „UI и графичкиот дизајнер“ во тимот доколку тој претходно не е идентификуван. Јас би можел да помогнам во одлуките за тоа како сегменти од корисничкиот интерфејс да бидат направени или како да го одбереме најдобриот предлог.
  • Комплетно решение - затворена целина (end 2 end решение)
    Според мене потребно е проектот да се димензионира внимателно за да може да се затвори една функционална целина за предвиденото време за реализација. Нетреба да се претерува со визиите и со идеите за да може да се затвори компактна целина што ќе работи без проблеми и ќе испорачува функционална вредност.

    Како јас планирам да помогнам? [управување со проект]
    Реализирање на одреден функционален обем што ќе функционира како целина, за дефинирано време и со конечно дефинирани ресурси што се на располагање се осовните перспективи/атрибути што ги третира управувањето со проекти (project management). Ова е димензија што несомнено ќе биде неопходна за да се реализира посакуван резултат (победа). Ова е сегмент во кој исто така можам да помогнам.

Јас сум Васил Буралиев,
со професионална кариера од 13 години како веб програмер, веб дизајнер, софтверски инженер/архитект во МОЛ, Сивус и Манор и поранешен ИТ директор, ко-основач и ко-сопственик на Ре-актив и Феникс Интерактив.
Во моментот на пишување на овој пост работам како ИТ проектен менаџер во Сингулар ДОО.




e-mail: vasil.buraliev@singular.mk,  vasil_buraliev@yahoo.com
Skype name: phantomot
LinkedIn: http://www.linkedin.com/in/vasbu
Twitter: https://twitter.com/VasilBuraliev
Facebook: https://www.facebook.com/vasil.buraliev

На сите натпреварувачи на настанот од лично име и од име на Сингулар им посакувам успех во учеството, а на мојот тим му посакувам победа.

Over & Out
https://www.youtube.com/watch?v=FJEzEDMqXQQ

Sunday, December 15, 2013

Најчесто идентификувани проблеми при развој на софтверски решенија





Искуството вреди да се сподели

 
 

Во саботата (14.12.2013) во просториите на ФОН Универзитетот се одржа Codecamp 2013 (најголемиот настан во Македонија посветен од и на заедницата со интерес за развој на софтверски решенија). На мое огромно задоволство имав сопствена сесија на тема „Продолжување на животниот век на софтверски инженер - најчести проблеми при реализација на софтверски решенија“ на која реализирав и една анкета со цел присутните да идентификуваат проблеми при развој на софтверски решенија и да ги приоретизираат потребите за нивно надминување/решавање.
 
Анкетните листови содржеа предефинирана листа со идентификувани проблеми при реализација на софтверко решение но беше оставена можност и да се допишат нови. За секој од идентификуваните проблеми постоеше и можност да се впише индекс за приоритет за нивно решавање со можни вредности од 1 до 5 (1 - највисок приоритет, 5 - најнизок приоритет).
 
Листата со идентификувани проблеми е креирана врз основа на претходна анализа во која учествуваа проектни менаџери (4), софтеврски архитекти (7) и деловни аналитичари (2).
 
Би сакал да им се заблагодарам на сите учесници во анкетата, како и на организаторите на Codecamp 2013 што овозможија реализација на анкетата како и на споменатата сесија.

Следат резултатите од анкетата.
 
Анкета спроведена на: Codecamp 2013 - 14.Декември.2013
Вкупно присутни на сесијата на која е спроведена анкетата: ~ 60
Вкупен број анкетирани: 24
Анкетирани според работна позиција: софтверски програмери со различен сениоритет и задолженија, софтверски архитектури, шефови на одделенија за развој на софтвер, раководител на ИТ, советник на информатика, студенти

Индекс на приоритет за справување со идентификуван проблем; во интервјуираните има софтверски програмери, софтверски архитекти, шефови на сектори за софтверски развој, советници за информатика и студенти; вкупен број анкетирани 24;

Индекс на приоритет за справување со идентификуван проблем; во интервјуираните има шефови на сектори за софтверски развој, раководител на ИТ и советник по информатика советници за информатика; вкупен број анкетирани 4;
Индекс на приоритет за справување со идентификуван проблем; во анкетираните има софтеврски програмери со различен степен на сениоритет, софтверски архитекти; вкупен број анкетирани 14;
 
Индекс на приоритет за справување со идентификуван проблем; анкетираните не ја евидентирале сопствената позиција; вкупен број анкетирани 7;

Дополнителни ресурси

На сесијата можев да забележам дека некои од посетителите се обидуваа да ги фотографираат последните слајдови што имаа листи на препорачани ресурси поврзани со тамата но и надвор од неа. Во оваа прилика и во овој пост ги споделувам последните слајдови со тие содржини.

Once upon Atari; 12 Weeks with Geeks; How a Geek Changed the World; Revolution OS;

How to think like Leonardo da Vinci; Running lean; Conversations: The Future of Software Engineering; Music Habits: 101 Music Production Tips

ALM Summit; ALM Forum; Magic Quadrant for Application Life Cycle Management; Lean Canvas

Слична сесија беше реализирана во Септември 2013 во рамките на редовните средби на MK .NET Users групата.

Saturday, October 12, 2013

Штрумфови 2, синхронизација на Македонски јазик, бесценето

Ако немате идеја што да правите утре во првата половина од денот, однесете го синот/ќерката/внукот/внуката во кино.
Гледајте го Штрумфови 2. Одлична детска приказна, феноменална реализација, македонска синхронизација - бесценето.
Во оваа прилика би сакал да ги пофалам иницијаторите, инвеститорите и реализаторите на синхронизацијата на Македонски јазик. Одлично реализирано! Незнам колкав финансиски ефект ќе постигнат со овој анимиран филм и неговата синхронизација на Македонски, но би сакал да ги уверам дека дел од граѓаните навистина го почитуваат и ценат тоа што го направиле и очекувањата се да има содржини за деца на Македонски јазик и во кината повеќе и континуирано.
Се надевам и дека сите мои истомисленици ќе ја потврдат поддршка со посета на овој цртан филм во кината со нивните блиски за да го затвориме кругот.

Актерската екипа за гласовите на Македонски е следнава: Никола Ристановски, Зорица Панчиќ, Сашко Коцев, Дејан Лилиќ, Гораст Цветковски, Нино Леви, Ѓокица Лукаревски, Гоце Тодоровски, Томе Витанов, Петар Арсовски, Јана Руси, Борче Начев, Александар Алексовски, Розета Арсова, Трајче Ѓеоргиев
Одлични актери!

Трејлер од цртанот со синхронизацијата на Македонски може да го видите овде.

Цртаниот го има на репертоарот во кино Милениум, Cineplexx.


Monday, September 9, 2013

ВБУ музички регистар: информации и критики за музичките албуми од Македонија на веб


Потреба за квалитетно бранување на емоциите
Технички информации за
еден музички албум
Повеќе од една година знам да поминам во некоја од продавниците што продаваат музика (обично тоа е во ГТЦ) и да прашам што има ново од домашната продукција. Често знам да си купам неколку ЦД-а со нешто ново или нешто постаро што не сум го слушал, а ми изгледа привлечно и сакам да го преслушам.

Пред да си ветам себеси дека од време на време ќе влегувам во продавница и ќе си купувам музика (читај пред повеќе од една година ), музиката што ја слушав години наназад беше онаа што ќе ми ја пуштат на локалните телевизии и радија, а не онаа јас што ќе си ја одберам. Тоа почнав да го менувам па се потсетив на бендови од младоста и проверив како тие се развивале годините во кои мојот интерес за музиката беше сведен на минимум. Дополнителен интерес и желба имав да разберам каква е актуелната состојба на домашната музичка продукција.
Со оглед на тоа што нашата продукција не е многу голема (лична проценка е дека се неколку десетици албуми годишно), возможно е човек целата продукција да ја следи. Откако ги купив албумите што ми беа примарен фокус на интерес, почнав да ги купувам и да ги наоѓам (во главно на download и streaming сервисите на Интернет) оние за кои имав помалку иницијален интерес.
Некои од албумите што ги преслушав ми се допаднаа многу.
Во оваа прилика ќе ги издвојам само следниве три и покрај тоа што оние што навистина ми се допаѓаат се повеќе. (овде има поширока листа при крајот на текстот)
Креативен нагон, потреба за создавање, љубов кон технологијата, важноста на творештвото
Пред, од прилика, половина година добив желба да направам попис на музичките албуми од домашната продукција, за неколку години наназад. Оваа идеја/желба ја имале и други и многу порано. Јас знам дека имало барем неколку иницијативи што ги обединувала истата или слича идеја во последниве 15-тина години. Некои од нив и со реализација што после одреден временски период престанале да постојат. (еден пример на кој можам да се сетам и за кој сум јас свесен е www.muzika.net на Methamorfosis)


почетна страна (home page) со
попис на последни објавени
албуми 
Пред неколку месеци, без голем притисок, почнав да скицирам систем што треба да вклучува веб-базирано решение што ќе понуди информации за музичките албуми од домашната продукција и домашните автори. Пробував да димензионирам целина што ќе може да се реализира релативно брзо и ќе биде ефтина за изведба, а воедно ќе може да понуди некаква вредност на оние што имаат интересе за музичкото творештво од Македонија.

Во моментот на пишување на овој пост, развојот на вебсајтот е во напредна фаза и планирам негово објавување во некоја блиска иднина.

ВБУ музичкиот регистар
(работниот назив на оваа иницијатива) претставува неформален музички регистар на музичките албуми од домашната продукција и музички автори од Македонија со независна уредувачка политика за објавување на албумите.


Иницијален опфат на содржини и функционалности
На вебсајтот, барем во неговото иницијално издание, ќе може да се добијат следниве информации / услуги:
Целосен преглед на податоци
за музички албум што вклучува
технички податоци и критка
  • Преглед на кратки информации за последните објавени музички албуми
  • Можност за пребарување на целиот регистар на евидентираните музички албуми
  • Целосен преглед на технички податоци за музички албум (издавач, датум на издавање, листа на песни, илустрација од омотот, автори и соработници во албумот, музичка класификација)
  • За некои од албумите ќе има и критика (пишана форма и во форма на индекс)
  • Филтрирање на музичките албуми по неколку различни критериуми
  • Топ листи на музички албуми според различни критериуми
  • Интерфејс за поднесување информации за музички албум, нивна проверка и објавување според независната уредувачка политика на сервисот
  • Интеграција со Twitter и Facebook (можност за делење на страниците со деталите за албумите преку Twitter и Facebook, како и можност за коментирање за секој од евидентираните албуми)

Би ми било исклучително корисно и ќе му бидам благодарен на секој оној што ќе ми испрати одговор на следново прашањето:
Што дополнително би сакале да понуди ВБУ музичкиот регистар? (доколку сте расположени, вашите одговори ги очекувам на
vasil_buraliev@yahoo.com)



Филтрирање на музичките албуми
Техничка перспектива
Вебсајтот е базиран на DotNetNuke платформата за која се развива посебен модул со цел да ги овозможи предвидените функционалности за ажурирање, пребарување и прикажување на информациите за музичките албуми.

Што е следно?
  • Регрутирање на стручни соработници
  • Објава на конкурс за лого на сервисот
  • Евидентирање на повеќе десетици музички албуми во регистарот
  • Планирање за објава на вебсајтот и негово промовирање во јавноста
Over & Out

Sunday, September 8, 2013

Нокаут Unplugged ЦД-то во продажба



ЦД-то од Нокаут со материјалот од првата изведба на unplugged концептот (изведена 2007-та год.) од минатата недела е во продажба.

Цената е 399 денари и со сигурност го има во едната половинка (левата) од стариот Југотон во гратскиот трговски центар (ГТЦ). За останатите локации на кои може да се набави, ќе треба да ги прашате одговорните. (Веројатно можете и преку страницата на Facebook)

Over & Out

Monday, September 2, 2013

За животниот циклус на софтверски апликации (ALM) и локалните искуства во четврток (05.Сеп.2013 - 17:30h) во МКЦ Клуб

На мое големо задоволство добив покана од македонската дот нет корисничка група (Macedonia.net user group) да бидам говорник на следната редовна месечна средба што редовно ја организира заедницата која се идентификува како локален корисник на .NET Framework.

Во продолжение на овој пост правам попис на точки по кои планирам да го водам формалниот дел од овогодинешната(2013), септемвриска дружба на споменатата заедница.

Тема: Вообичаени/универзални предизвици и персонални искуства при реализација на софтверски решенија и софтвер-интензивни системи

Говорник: Васил Буралиев | vasil_buraliev@yahoo.com

Датум: 05.Сеп.2013, 17:30h
Времетраење: ~ 1 час
Локација: МКЦ- клуб/ресторан
Организатор: актуелниот лидерски тим на MK .Net user group






1. Претставување (fade in)

  • Кратко резиме за говорникот со цел аудиториумот да се информира за мојот професионален пат
    • Актуелни професионални активности
    • За професионалната историја преку споменување на фирмите во кои работев и улогите што ги имав во нив
    • Други персонални интереси

2. Животен циклус на едно софтверско решение (ALM) (in da zone)

  • Што сè подразбира животниот циклус на едно софтверско решение (Application Lifecycle Management)
  • Животниот циклус на една апликација интегрира три посебни аспекти. По неколку реченици за секој од нив.
  • Зошто мене лично ми е интересна темата за животниот циклус на едно софтверско решение?

3. Вообичаени предизвици во процесот на имплементација на софтверското решение (in da zone)

  • Кои се предизвиците на тимската работа? (луѓето се тие што ги прават, или не ги прават работите)
  • Вообичаени индикатори за неуспешни тимови
  • Околу дваесетина идентификувани предизвици на развојниот тим
  • За суштинските работи (за комуникацијата и почитувањето на другиот и туѓата работа)

4. Корисни и интересни ресурси (fade out)

Претставување на достапни корисни ресурси поврзани со темата, а и надвор од неа.
  • Документарци со корисни животни приказни и искуства од белиот свет
  • Корисна литература
  • Употребливи веб локации
Ќе бидам среќен доколку можам да прочитам и да разберам за вашите мислења и коментари пред, а се разбира и по сесијата. Ако некој се двоуми дали да го коментира списокот точки на разработување и дискусија, ќе го охрабрам да ми пише веднаш (ако остави за после, никогаш нема да ми пише. В-)). Секоја сугестија, предлог, критика и забелешка се добредојдени, а доколку има услови за корекција во полза на зголемување на квалитетот на настанот,  ќе направам корекции во планот за сесијата дури и во последен момент. Во секој случај, реакциите во принцип се корисни и сакам да ги слушнам/прочитам/знам. Ако не за оваа сесија, ќе ми користат за во иднина.

Се гледаме на пиво и дружба во клубот на МКЦ
Over & Out,

Friday, August 9, 2013

Ново ЦД со бајата содржина (Бојлер против бојлера!)

Нокаут подготвува ново ЦД со веќе добро позната содржина. Веста е објавена на Фејсбук страницата на Нокаут, а еден од коментарите е следниот, цитирам:

Име и Презиме: „Не мислите дека е малку доцна ? Скоро сите песни на некои плај листи на youtube имаат или имале (на избришаните) од 200-500 илјади прегледи, по интернет го имаше цел концерт во видео и ауди формат за симнување, песните ги има како прецизно извадени од истото аудио и направени како мини албум со најдобар можен квалитет... после сето тоа вие мислите дека објава на официјално цеде на истото ова може да успее... жалам, снимете го ова во нова верзија, со нови обработки/изведби на песните на понова може и уште подобра опрема и го купувам, а ова од 2007 јас го имам во PC од 2008 сега сме 2013...”

Завршен цитат.

Следува мојата реплика. Ја ставам на мојот блог затоа што, најверојатно е предолга за Фејсбук коментар.

Па иде вака:

Најди ја грешката
Јас неможам комплетно да се сложам со тебе Име и Презиме. Можам да се сложам со делот дека официјално издание на ЦД или друг медиум од анплагдот сниман во 2007-ма можеше да се случи порано, но еве сега го има.
Мислам дека не е работата дали можеш да дојдеш до дигитална копија што се диструбуира преку Интернет или не и дали порано можеш да дојдеш до истиот материјал.

Според мене купувањето на ЦД-то има повеќе ефекти:

1. Задоволување на личниот апетит, вкус и потреба за музичка естетика и нејзино консумирање на оној што ќе го купи, пропратено со некаков опиплив предмет, за кој ние луѓето имаме некаков посебен однос во споредба со она што неможе да го допреме, изразувајќи ги сопственичките права и потребата за поседување. (ЦД-то е посебен производ што покрај главната содржина (песните), носи и други вредноси, како амбалажата и омотот на пример. Целото тоа, се разбира зборувам во лично име, ми прават дополнително задоволство)
Ако ова претходно си успеал да си го задоволиш преку MP3-ките што си ги симнал од нашите вредни локални „пирати”, следат неколку други димензии или причини зошто сметам дека треба да се купи ЦД-то.

А како им било на овие со 3.5
кила товар на глава?
2. Почит и награда за добро завршена работа. Купувањето на ЦД-то значи почит кон работата на оние што го создале и на оние што ја создале содржината запишано на ЦД-то. Неможам да зборувам во името на музичките автори и на Нокаут, но верувам дека секое продадено ЦД им значи и ќе им значи, односно дека тоа е дополнителна радост за авторите (и покрај тоа што не се деца и работат повеќе од една деценија). Верувам дека тоа директно предизвикува возбуда што ги мотивира за понатамошна работа, а со секоја понатамошна работа несомнено расте и квалитетот. (Нека ти текне Име и Презиме, на првата песна на Нокаут, Еј Би Си - преработка со призвук и динамика на песна што мене многу повеќе ме асоцира на песна за детски фестивал и слушни ја денеска, после повеќе од 15 години континуирана работа „Запомни, тоа е сè што имаме”. Зошто не би ги израдувал и мотивирал оние што прават нешто што ти се допаѓа, за да можат и понатаму да ја создаваат музиката што ти се допаѓа? (Еве препорака за еден краток напис на англиски јазик со назив: Get Into the Zone - напис што се однесува на ефикасноста при работењето)

3. Финансиски ефект. За нормален живот и напредување во работата што ја сакаш и работиш парите играат голема улога. Ова важи за секој човек, со која и нормална работа да се занимава. Музичките бендови кај нас од што живеат? Колку професионалци имаме што се бават со таа работа и создаваат авторска соджина, наша, на Македонски јазик? Еден извор на приход се настапите, а втор... незнам дали и воопшто го има и ако го има дали воопшто може да се брои. Со секое купено ЦД, дел од парите одат и кај авторите, кај оние што ја создаваат музиката што ти се допаѓа. Ако сите на кои ни се допаѓа тоа што го прави Нокаут, купиме по еден примерок тие ќе имаат можност поинаку да ја планираат нивната професионална иднина, па и приватната што несомнено е како врзан сад со професионалната перспектива (муабетот за подобра опрема и поквалитетно снимање итн.).
И да си ги „излижал” MP3-ките од слушање, ако навистина ја почитуваш нивната работа и ја разбираш нивната позиција и состојба во која се наоѓа домашната продукција генерално, а преку нејзе и сите ние во јамата со фекалии, дај ги парите од утрешната кафана со другарите на која ќе лапате ширден, за едно ЦД од омилениот музички автор/бенд.


Казниво је играње руком
у шеснајестерцу
4. Со издавање на еден таков производ, Нокаут го гради своето резиме. И тој како и сите субјекти (правни, физички, музички, криминални...) има свој животен циклус, има нешто што остава трага, печат и се евидентира како историја односно, завршена работа што на крајот од денот се брои, се вреднува и се раскажува. Исто како ти, кога одиш да конкурираш некаде за работа што си го носиш своето резиме под мишка и сакаш да покажеш и раскажеш што си сработил, за да влезеш во некое друштво, за да ја покажеш вредноста што ја носиш, за да си најдеш работа, за да бидеш добро вреднуван, за да ти се отворат некакви врати, за да те запомнат и почитуваат, за да ти дадат пари што ќе ги трошиш на тоа што сметаш дека е вредно, така и музичкиот бенд има сопствено резиме. Нокаут бележи уште едно издание во нивното резиме. Веројатно можело да се издаде и порано, но еве го сега и го збогатува нивното резиме.

5. Домино ефект. Низа ефекти кај останатите инволвирани во и околу музиката: музички продавници, музички магазини, издавачи, младите луѓе - можеби идни музички великани со кои ќе се гордееме како граѓани на оваа државичка.

Тоа се неколку ефекти или причини зошто да се купи ЦД-то што сакав да ги напишам како аргументи против ставот: што ќе купувам сега ЦД со материјал што веќе одамна сум си го симнал од Интернет по Warez канали, па и згора на тоа со многу бајат материјал, јас си ги симнав тие ехеее... кога беа тазе. (За да направиш квалитетно издание потребни се пари, ако ги немаш како ќе го создадеш? Од музиката неможеш да заработиш, бидејќи и тие што ти ја сакаат музиката не се спремни да дадат пари за настап/ЦД. Ќе работиш нешто трето за да преживееш и да заштедиш за да вложиш во музиката за која ни фановите не се спремни да ти вратат со купено ЦД? (да вратат со дадени пари за трудот и работата). Ова можеби звучи грубо, но тоа е вистината и здравиот модел на функционирање, барем според мене.)
Според мене, музичките бендови во Македонија треба да се трудат да отвараат можности за продажба на нивниот имиџ и соржина што ја креираат, а почитувачите на нивната работа (фановите) да враќаат со давање паричка за производите што ќе може да ги набаат од бендот. Ако не постојат производите(еден вид производ е музичка целина на ЦД) и оние што се спремни да купат нешто од бендот, нема како и каде да го направат тоа. (Зборувам од лично искуство. Јас сакав производ од тој настан што ќе можам да го поседувам и бев спремен да платам за тоа. Го немаше. Да постоеше јас ќе платев и дел од тие пари ќе ги добиеше и бендот. Сега овој производ го има и ќе го купам, односно во мојот пост за појавувањето на ова ЦД, напишав дека ќе купам копија и ќе ја поклонам на некој на кој му се допаѓа Нокаут. Основните мотиви за тоа се напишани во оние претходно напишани пет точки во овој текст)

Егзотика
Мојот став е дека музичката понуда од домашната продукција нетреба да се клоца во долот и покрај тоа што треба да се испраќаат забелешки и да се коментира (поздрав за твојот коментар Име и Презиме), туку треба да и се помогне и мора да и се помогне од секој поединец, љубител на музиката. Мислам дека секој обичен смртник што сака музика, а не верувам дека постои човек што несака музика, ако си купи ЦД од неговиот омилен автор и тоа го правиме повеќето од нас и континуирано, ефектите за кои пишував ќе започнат/ ќе се стимулираат/ ќе се интензивираат со што верувам дека сериозно може да придонесат нашата музичка продукција да порасне и квалитативно и квантитативно.

Од друга страна, доколку не сте биле скоро (читај години наназад), прошетајте до локалните продавници на ЦД-а, ќе се изненадите какви изданија има од домашна продукција што може да ги најдете токму на ЦД, што меѓудругото претставува можност некому да му ја вреднувате работата (да дадете дел од вашето време за кое сте успеале да заработите некоја пара, на оној што тоа го заслужува како што тоа било случајот со вас, кога вие сте ја добиле вашата дневница/плата/дивиденда). 
Постојат производи што се за на полицата за добра музика, а не за полицата со македонска музика (се надевам дека ме разбирате што сакам да кажам).

Спорт, Музика, Спорт
Во оваа прилика би сакал да ги спомнам моите омилени:
Старовски - Прашинка Љубов,
Кабадајас - IV,
Фулиш Грин - Ескејп,
Смут - Мемоарите на скрениот човек,

Суперхикс - Африка,
Елена Христова и Горан Трајковски - Биоскопија,
ХАХАХА - Сиромашни и Богати, Танго Револуционер,
Беј Д Фиш, Фолтин, Љубојна, Фин Проџект, Мугер Фугер, Конкверинг Лајон, Роботек.

Особен акцент би сакал да ставам на хип-хоп домашната продукција и ЦД изданија, но и дигирален формат што не сум сигурен дека некаде може да се купи. Одлични песни, супер изведби. Се чини дека хип-хоперите научија што значи Entertainment, се осеќа тоа многу во изведбата на некои домашни ветерани и од западната и од источната „обала”.
Одлични и Токсикологија и Легијата и сите оние што излегоа од овие две екипи. Да Џака Накот, Страјк, ЛД Пистолеро, Тонио Сан, Пука Козметика, Слаткаристика (Голем дел од кредитот за нагорниот тренд на развој и зголемување на квалитет на домашната хип хоп продукција несомнено има и Гоце САФ со една специфична улога во целиот процес)


...и наравно Џеј!
ПРАШАЊЕ ЗА ЈАВНОСТА
Ќе си земам за право да ве прашам (овие 6.729(во моментов на пишување на оваа реплика) like-ери на FB страната на Нокаут),
Кој од вас ќе го купи ова ЦД кога ќе се појави? Зошто ќе го купите или зошто нема да го купите?

Би сакал да прочитам и да разберам од расположените за дискусија, за личниот однос кон домашната музичка продукција и на темата за престојното ЦД на Нокаут и сите останати музички производи што се објавуваат.

Има ли расположени? В-)

П.С. Еве ја објавата и коментарите на Фејсбук.

П.П.С. Каква ствар еј!
П.П.П.С. Солидарност за бадијала